Најдобриот тенисер на сите времиња, Србинот Новак Ѓоковиќ, моментно се подготвува за настап на турнирот во Шангај. По него, ќе настапи на ревијален турнир на кој ќе учествуваат шестемина најдобри тенисери и каде што наградниот фонд ќе биде најбогат во историјата на овој спорт.
На егзибициското натпреварување во Саудиска Арабија, поточно во Ријад, ќе играат: Ѓоковиќ, Рафаел Надал, Карлос Алкараз, Јаник Синер, Данил Медведев и Холгер Руне.
Овој турнир би можел да претставува и целосна револуција во светот на тенисот, бидејќи по него ќе бидат избришани границите на досега познатите рекорди кога станува збор за заработката на турнирите.
Наградниот фонд ќе биде неверојатен, а најдобрите светски тенисери ќе ја напуштат Саудиска Арабија многу побогати откако ќе играат на турнирот.
Секој од шестемина учесници има загарантирана сума од 1.500.000 долари, што е само за 300.000 помалку од учеството во финалето на неодамна завршениот САД опен.
Од друга страна, победникот на турнирот во Саудиска Арабија ќе добие дури 6.000.000 долари, што е многу повеќе од она што го освои Синер на последниот грен-слем сезонава.
За втората грен-слем титула во кариерата, Синер доби 3,8 милиони долари, па јасно е дека со многу помалку труд би можел значително да го зголеми своето богатство во Ријад.
Организаторите одлучија двајцата најуспешни директно да преминат во полуфиналето од натпреварувањето. Тоа значи дека Новак Ѓоковиќ, како најдобар на сите времиња, и Рафаел Надал, како еден од неговите најблиски сопатници, ќе бидат слободни на првиот натпреварувачки ден.
Турнирот започнува на 16 октомври, кога ќе игра Даниил Медведев со Јаник Синер, додека Холгер Руне ќе се сретне со Карлос Алкараз.
Победникот од првата четвртфинална двојка во полуфиналето ќе игра против Ѓоковиќ, додека во второто може да видиме жестоко дерби додека Надал го чека својот ривал.