Ѓоковиќ стана и си замина среде интервју, новинарот на Би-би-си претера: „Веќе трет пат ме прашувате истото“

2628

На најдобриот тенисер на денешницата не му се допадна како го третира публиката во Лондон, како се обидува да го вознемири со разни извици, а Србинот по завршувањето на мечот им посака „добра ноќ“.

По натпреварот и задолжителната конференција, Новак според договорот што го има морал да влезе во студиото на „BBC“ и да даде интервју за таа телевизија.

Англискиот новинар прво го прашал Ѓоковиќ како се чувствува сега, по интервјуто на теренот.

„Исто“, бил краток тенисерот.

Следното прашање се однесувало на тоа дали Новак ја добива почитта која ја заслужува на Вимблдон, бидејќи е седумкратен шампион.

„Како што кажав по натпреварот, им се заблагодарив на повеќето навивачи на стадионот и знам дека по цел ден гледање тенис не е лесно да останете. Благодарен сум. Тие се и една од причините зошто сè уште сум тука и играм, публика која навистина ги цени играчите и напорите кои ги вложуваме, тие нè поддржуваат и јас го знам тоа. Но, кога публиката ќе ја помине линијата, тогаш јас реагирам, не се каам за моите зборови или постапки на теренот“.

А потоа англискиот новинар го изнервирал Новак со прашање како успева да ги приспособи мислите и ставот кога публиката негодува, свирка и покажува непочит. И дополнително прашање, дали сето тоа го мотивира да игра подобро?

„Имате ли друго прашање освен за публиката? Фокусирани сте само на тоа, или постои нешто друго околу натпреварот?“, бил видно изнервиран Ѓоковиќ.

На ова следувало оправдување од англискиот новинар, бидејќи необичната реакција и забелешка на Новак кон гледачите предизвика големо внимание во јавноста.

„Ова е веќе трето прашање. Го кажав тоа што морав да го кажам“, бил јасен Новак.

Кога видел каде оди сè, англискиот новинар се обидел да ја смени темата на спорт, прашувајќи го за Алекс де Минор, но Новак бил неумолив.

„Се радувам на тој меч, ќе биде тешко“, бил краток Новак, кој потоа му се заблагодарил на новинарот и веднаш го напуштил студиото на „BBC“.

Видеото погледнете го на линкот