Најдобриот тенисер на денешницата, Србинот Новак Ѓоковиќ, изјави дека ќе се соочи со дилема ако АТП ги задолжи играчите да имаат вакцина пред да се вратат на терен.

  • Лично, јас сум против вакцинирање и не би сакал некој да ме натера да се вакцинирам за да можам да патувам. Но, ако овој услов стане задолжителен, ќе треба да донесам одлука. Јас имам свои ставови за ова прашање, но дали ќе се променат се уште е рано да ми кажам. Хипотетички, ако сезоната продолжи во јули, август или септември, вакцинацијата најверојатно нема да биде меѓу барањата за учество на турнири, иако вакцината сè уште не е развиена, рече Ѓоковиќ во разговорот со други српски спортисти на Фејсбук.

Во март, поранешната лидерка на женскиот тенис, Амели Моресмо рече дека целата сезона во 2020 година може да се откаже и дека нема да има турнири сè додека натпреварувачите не бидат имунизирани против КОВИД-19. Сепак, според водечките лекари од целиот свет, малку е веројатно дека ваквата вакцина би се очекувала пред 2021 година.

Поради глобалната пандемија на КОВИД-19, Вимблдон беше откажан за прв пат по Втората светска војна, додека Ролан Гарос беше преместен на крајот на септември и почетокот на октомври, иако традиционално се одржуваше во мај и јуни.