Поради ниските температури, диви свињи се спуштаат по храна до села од Тиквешијата. Коце Кулев-Кујо, жител на кавадаречкото село Ресава, вели дека свињи се спуштиле дури до селската продавница.
Претседателот на Советот на општина Кавадарци, Ристо Сакалиев, кој поседува имот во кавадаречкото село Мрежичко, исто така потврди дека дивите свињи се повеќе се приближуваат до селата, од повисоките кон пониските места.
– Риејќи во снегот, тие пронаоѓаат желади, корени, ореви, остатоци од храна околу селските трла, велат Кулев-Кујо и Сакалиев.
Поранешниот градоначалник на Општина Росоман од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Стојанче Лазов, се пофали дека со стрела убивал диви свињи. На својот Фејсбук профил тој објави неколку фотографии покрај убиените и крвави животни, со пораките:„ Нека се ловат, и со стрела се може, и нека се плодат, нека се ловат“.
Лазов е познат како страсен ловец и ова не е прв пат тој да се пофали со уловот на социјалните мрежи. Но, исто така, тој не е единствениот политичар кој што ужива во ловот на диви животни. Минатиот април на социјалните мрежи беше објавена фотографија на која голем број на бизнисмени и политичари, позираа покрај дури 57 застрелани диви свињи во ловиштето Јасен.