Вработените во Фондот за здравствено осигурување, поради најавеното намалување на нивните плати за 21 отсто, утре стапуваат во штрајк, со што нема да се реализираат нивните услуги за поголем дел од корисниците. Пред шалтерите, утре нема да може да поднесат документи за исплати на боледувањата и на породилните отсуства, за разни медицински помагала, за платите на сите вработени во јавниот сектор, како и капитацијата на матичните лекари и на специјалистите.

Како што информираа од Синдикатот на ФЗО, ќе се услужуваат само итните случаи, и тоа за малолетните осигуреници, лекувањето во странство или за хоспитализиран пациент. Но, се загрозува и состојбата на останатите граѓани, бидејќи без здравствено осигурување ќе бидат пензионерите и невработените доколку Министерството за финансии не префрли пари за плата без нивно намалување за 21 отсто. И Клиниките нема да имаат пари за лекови и за останати медицински материјали, а штрајкот ќе се одрази и врз работењето на аптеките, оти нема да може да се реализираат рецептите.

Под прашалник се и пациентите што неделава имаат закажано кај Комисијата за продолжено боледување, поради сериозно заболување. За оваа цел, матичните лекари чекаат насоки од Фондот, а според д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на ЗПЛРМ, овие комисии се со рокови, со датуми и секогаш, според Правилникот на Фондот, боледување до 15 дена дава матичен, а над 15 дена – Комисијата на Фондот, составена од тројца лекари и правник.

– Имаме луѓе со малигнитети, кои цела година треба да примаат терапија, тоа се и млади лица, кои работат во фирми. За да не се случи нешто, се надевам дека Фондот ќе ни даде насоки како да постапуваме и ние и фирмите во однос на овој проблем – дополнува д-р Чолакова- Дервишова.

Од Фондот, за овој проблем посочија дека закажаните комисии за продолжено боледување ќе работат оваа недела и граѓаните ќе бидат услужени за да не останат без работа и пари. Директорите на ФЗО велат за штрајкот дека тоа е законско право и дека тој е регуларно најавен. Потврдуваат дека нема да има прекин во услугите и предметите за итни случаи, но не негираат дека целото јавно здравство може да остане без плата, која вообичаено ја добиваат до 10. во месецот.

– Работните активности ќе се организираат на начин што ќе се минимизираат евентуалните непријатности за сите засегнати страни. Тука се, секако, осигурениците, ПЗУ, ЈЗУ и сите други засегнати страни. Платите на вработените во ЈЗУ се исплаќаат преку трезорот на ФЗОРСМ, па поради тоа, можно е одредено задоцнување – велат од менаџментот на Фондот.

Синдикатот на Фондот, кој доби поддршка и од ССК, се одлучи за штрајк, незадоволен од одлуката на Владата. Според нив, вработените во ФЗО и досега земале пониска плата споредено со сродните институции. Како пример, посочуваат дека една четвртина имаат месечни примања под минималната плата, а уште 25 отсто околу минималната плата.

(В.Ма.)