Претседателот на Кина, Си Џинпинг денеска треба да пристигне во Русија на средба со неговиот домаќин рускиот претседател Владимир Путин. Ова инаку ќе биде прва посета на Си Џинпинг по пауза од неколку години.
Во текот на тридневната посета, фокусот на разговорите ќе биде ставен на развојот на руско-кинеските односи кон „сеопфатно партнерство“, информираат руските медиуми.
Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе ја посети Русија за да се сретне со претседателот Владимир Путин. Кинеското Министерство за надворешни работи и Кремљ објавија дека Си Џинпинг ќе престојува во Москва од понеделник до среда.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Путин и Кси ќе се сретнат во понеделник прво во четири очи, а потоа и на неформална вечера. Разговорите во поширокиот круг се планирани за вторник.
Во соопштението објавено од Кремљ се вели дека двајцата претседатели сакале „да разговараат за прашањата поврзани со понатамошниот развој на сеопфатното партнерство и стратешката интеракција меѓу Русија и Кина“ и „да потпишат важни билатерални документи“.
Кинеско-руските односи го издржаа тестот на меѓународните турбуленции, останаа мирни и континуирано напредуваат во насока од која корист имаат и народите на двете земји и целиот свет. Исто така, ќе напише значајно поглавје за нов тип на односи меѓу големите сили, заснован на чесност и транспарентност.
Ова е заклучокот на „Глобал тајмс“, весник близок до владејачката Комунистичка партија на Кина, во пресрет на денешната официјална тридневна посета на лидерот на Пекинг Си Џинпинг на неговиот руски колега Владимир Путин. По освојувањето на третиот претседателски мандат, Си ја избра Русија за својата прва странска посета.
– Државната посета на претседателот Си на Русија претставува пресвртница за кинеско-руските односи во нова ера – изјави кинескиот амбасадор во Русија, Џанг Ханхуи.