Дали хируршките клиники се затворени поради бактеријата мрса или има проблеми со доводот на кислород, бидејќи компресорскиот систем е стар повеќе од 30 години, министерот за здравство во заминување, Илир Демири, вчера не даде прецизен одговор. Но, кажа дека за да нема шпекулации дали е мрса или не, ангажиран е експертски тим од Германија да ги направи потребните испитувања. Демири нагласи дека се набавени шест компресори кои, во вакви вонредни услови, може да послужат за итни, неодложни интервенции што се од покомплициран карактер. Тој, исто така, информираше дека итните случаи се праќаат на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски” и во Општата болница „8 Септември“

 

Хируршките сали лоцирани вo Клиничкиот центар „Мајка Тереза” веќе десетина дена се под клуч, со образложение дека не работи компресорскиот систем. Бројни пациенти останаа без можноста да ги реализираат своите итни операции, за што од ВМРО-ДПМНЕ прашаа дали причина за хаосот навистина е нефункционалниот систем или се работи за бактеријата мрса. Во салите, деновиве се шири непријатна миризба.

Министерот за здравство во заминување, Илир Демири, вчера не даде прецизен одговор, но кажа дека за да нема шпекулации дали е мрса или не, ангажиран е експертски тим од Германија да ги направи потребните испитувања. Тој укажа дека салите се стари околу 30 години, а за да не се зголемува уште повеќе листата на чекање на пациенти за операција, Демири посочи дека ќе се користат надворешни компресори.

– Се чека да се добие валиден документ за исправноста на овој систем од Германија, каде што, во моментов, се вршат неопходните испитувања. Додека не заврши ова испитување, хируршките сали ќе се послужат со надворешни компресори – објасни Демири и нагласи дека се набавени шест компресори кои, во вакви вонредни услови, може да послужат за итни, неодложни интервенции што се од покомплициран карактер.

Тој, исто така, информираше дека итните случаи се праќаат на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски” и во Општата болница „8 Септември“. За министерот, ова е аларм итно да се размислува да се оспособат клиниките во Тетово, Куманово, Битола и во Штип и тие да можат да извршуваат интервенции.

За овој хаос во Клиничкиот центар, што најмногу се одрази на пациентите, поведена е постапка пред јавен обвинител. Обвинителството треба да ја истражува причината за хаосот на Клинички со затворањето на хируршките сали. Од Обвинителството потврдија дека деновиве добиле известување од Министерството за здравство и дека ќе преземат дејства да проверат дали има елементи за кривично дело, по што ќе ја информираат јавноста.

За овој случај, Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, деновиве го праша министерот Демири ако се користи системот за компримиран воздух за пациентите во Кома центарот и во КАРИЛ, зошто не би бил добар за операционите сали и обратно, ако се затворени салите поради системот за воздух, зошто работи кај пациентите во Кома центарот и во КАРИЛ.

– Дали причината за затворањето на салите навистина се системот за воздух и климатизацијата, за што цела недела нема зафат за надминување на проблемот или се работи за сосема нешто друго? Дали тоа друго, можеби, е појава на бактеријата мрса? Дали има вонредна контрола за хигиената на одделот Траума? Дали се негативни брисовите од салите? Колку е зголемена инфекцијата на оперираните пациенти? Дали има интрахоспитални инфекции кај секој втор пациент на оваа Клиника? – праша деновиве Стоилковски.

Вчера, по прес-конференцијата на Демири, се огласија од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека министерот нема поим што се случува на Хирургија.

– Десет дена цела држава, цела Македонија, се прашуваше што се случува со Хирургија. Министерот на СДС/ДУИ, Илир Демири, денеска, конечно, излезе од скривалиштето за да каже дека едноставно не знае што е проблемот, кој го сведе само на лоша миризба – реагираа вчера од ВМРО-ДПМНЕ.

Ниту побара одговорност од раководството, ниту од заедничките општи служби, ниту лично тој понесе одговорност за неспособноста! Едноставно, откри дека никој од менаџерите не чувствувал одговорност за состојбите на Хирургија!

Десет дена воздухот не бил компромитиран, само имал лоша миризба, десет дена нема операции, салите се затворени, а министерот излегува во јавност без трошка срам затоа што нема одговор. Чувствувањето мирис, пријатен или непријатен, е субјективно чувство, а, според Демири, анализите покажале некомпромитиран воздух, додека операции не се вршат десет дена. А, по десет дена, нема одговор и не чувствувал вина ниту тој ниту неговите директори, затоа што, како што вели, кратко време бил министер, изјави вчера портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

– Ова, почитувани, е израз на самоволие, за кое мора да има одговорност. Хирургија, Клинички, столбот на македонското здравство, го рушат во темел, а Илир Демири нема поим што се случува – потенцира вчера Стоилковски.

Дополнителен проблем е што деновиве не работи и хируршкиот оддел во Кумановската болница, поради проблеми со водата, која се замати како последица на силното невреме што го зафати овој реон во вторникот.

Разрешен директорот на Кардиохирургија, д-р Шокаровски

Mинистерот за здравство, Демири, го разреши директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски. Како причина за оваа своја одлука, тој наведе дека до него стигнале наоди дека е зголемена смртноста на Клиниката кај пациентите врз кои се направени одредени интервенции. Од 31 интервенција, за 14-мина пациенти тоа било погубно. За таа цел, Демири формирал комисија, за да ги провери податоците, особено што имал сознание дека се соработувало и со стручни лекари од болницата на Дедиње.

– Денеска добив друг податок, дека не се поднесени информации за 170 пациенти во „Мој термин”, во однос на отпусните писма и умрениците, така што претпоставувам дека таа бројка на смртност може да се промени и да е уште повисока. Јас сум министер во заминување и сакав да го одложам ова, но решив да го разрешам д-р Шокаровски – рече Демири на вчерашната прес-конференција во Министерството за здравство и нагласи дека се нарушени меѓучовечките односи на оваа Клиника и дека ја немало потребната соработка.

Тој препорача дека во вакви сложени услови, неопходно е да се донесе директор од странска држава.

Демири на ваков начин се обиде да објасни зошто не го обелоденува новото име на директорот. Инаку, д-р Шокаровски беше назначен за директор откако претходно, лани во јуни, министерот Фатмир Меџити го разреши д-р Сашко Јовев.

 

Бесија не го прекрши законот, тврди Демири

Што се однесува на прашањето зошто не е разрешена организациската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, министерот за здравство, Илир Демири, повторно застана во незина одбрана. Според него, таа не го прекршила законот.

– Сте се фатиле околу Бесија. Таа не ги вработи тие 18 лица, туку се вработени во 2023 година. Каде бевте тогаш вие и зошто не реагиравте? Зошто е дозволено тие луѓе да се на списокот на дежурства и смени, а еден месец пред изборите, реагирате зошто се вработени? Имам факти дека медицинскиот директор, заедно со другиот колега, кои се трудеа да направат мобинг, сум ги разрешил. Кога нема да го почитува законот, Бесија ќе биде разрешена. Таа не го прекршила законот – кажа Демири.

Тој истовремено праша што правеле инспекторите од ДСЗИ, зошто не реагирале дека овие лица пет месеци не примале плата.

– Каде е ДСЗИ да достави извештај за случувањата во хируршките сали? – праша Демири, критикувајќи дека Инспекторатот добива новинарски извештаи пред него како министер.

(В.Ма.)