Во службата “Изгубено-најдено” на ЈСП-Скопје можете да си го побарате она што сте го изгубиле возејќи се во нивни автобус, се разбира ако некој го нашол и го пријавил на возачот. Како што објави МИА при нивната посета на службата која е во рамки на дирекцијата на ЈСП во населбата Автокоманда, најчесто патниците губат паричници, но истите се без пари и за среќа со документите во нив. Многу често патниците ги губат и картичките за возење “Скопје, најчесто оние ученичките, а во депото на “Изгубено-најдено” има и здравствени книшки, ранци, торби за на пазар. клучеви. Порано се губеле и мобилни телефони. Последен пат, пријавен/доставен изгубен мобилен телефон е пред две години.
Оваа служба работи веќе три години од понеделник до петок од 7:30 до 15:30 часот. Оние што изгубиле нешто во автобус на ЈСП можат да пријават на телефонот 02/3122-634 каде ги оставаат своите податоци во случај да им биде најдено тоа што го изгубиле за да им биде вратено.
– Секој возач, по враќање на автобусот во гаража, го проверува возилото дали има нешто заборавено или изгубено, а најденото го доставува до службата. И чесен патник, доколку најде нешто може да пријави и достави до службата. Изгубените или заборавени предмети се чуваат кај нас – велат од ЈСП за МИА.
За време на новогодишните и божикните празници граѓаните кај нив повеќе пријавувале изгубени предмети, отколку што ги носеле.