Што предвидува Законот за јазици кој вечерва го потпиша Џафери?

82

Вицепремиерот Бујар Османи вечерва во „Click Plus“ на ТВ21, изјави дека Законот за јазици вечерва е потпишан од страна на Талат Џафери и веќе е испратен во Службен весник.

Во Службен весник се очекува да биде објавен вечерва или утре, а со овој закон покрај македонскиот, како втор официјален јазик станува и албанскиот. Тој ќе се применува во институциите, употреба и примена во сите постапки на граѓаните пред било кој државен орган.

Со овој закон се обврзуваат судовите, јавните обвинителства да овозможат користење и примена на албанскиот јазик во нивните писма и постапки. Двојазичност ќе има и на униформите на државните службеници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението.

На албански јазик ќе бидат достапни и поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите и бандеролите. Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

На граничните премини на Република Македонија и аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Сите органи на државната власт ќе имаат двојазични веб страници.