Светот е преплашен дека руско-украинскаката војна би можела да прерасне во нуклеарна. Стравот постои иако никој не може ни да си замисли како би изгледало тоа.
Но, минатиот јуни, Макс Тегмарк, професор кој ја истражува вештачката интелигенција на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) заедно со интердисциплинарна група научници направи „научно најреалистична симулација на нуклеарна војна“, користејќи само некласифицирани податоци за да покаже како би изгледал нуклеарен судир меѓу Русија и САД.
Како што покажува нивната симулација, не е многу битно кој ќе ја почне војната. Еднаш кога една страна ќе лансира нуклеарни проектили, другата ги детектира и возвратува пред да дојде до удар. Во симулацијата балистичките проектили од американските подморници западно од Норвешка почнуваат да удираат на Русија, по отприлика 10 минути, а руските од северот на Канада почнуваат да го гаѓаат САД неколку минути подоцна. Уште првите удари ќе ја спржат електрониката и електричните мрежи, создавајќи електромагнетен пулс од десетини илјади волти по метар. Следните удари целат на командно-контролните центри и нуклеарните лансирни постројки.
Цел се големите градови. Секој удар создава огнена топка, отприлика жешка како јадрото на Сонцето, следена со облак на радиоактивна печурка. Луѓето во близина испаруваат. Поради обврските кон НАТО своите постројки ќе ги активираат и Велика Британија и Франција, па Русија ќе ги гаѓа и нив. Со тоа огнената бура ќе зафати многу градови во кои буроносните ветрови распламтуваат пламен, палејќи сè што може да гори, топејќи стакло и некои метали и претворајќи го асфалтот во запаллива врела течност.
Потоа се создава нуклеарна зима, предизвикана од црн јаглероден чад од нуклеарните огнени бури. Научниците наведуваат дека атомската бомба фрлена на Хирошима предизвикала таква огнена бура, но укажуваат дека денешните водородни бомби се многу помоќни, па голем град како Москва, со речиси 50 пати повеќе луѓе од Хирошима, може да создаде многу повеќе чад и огнена бура. Црниот чад оди над дождовните облаци, па не може да биде испран, а таму се загрева на сончевата светлина и се подига како балон на врел воздух, задржувајќи се до една деценија.
Високо надморските млазни текови се толку брзи, па за неколку дена чадот ќе се прошири на поголемиот дел на северната хемисфера, наведува „Тајмс”. Тоа ќе ја направи Земјата многу ладна и во текот на летото, при што земјоделското земјиште во Тексас се лади за околу 20 Целзиусови степени, а другите двојно повеќе. Претходен научен труд процени дека над пет милијарди луѓе би можеле да умрат од глад, вклучувајќи 99 отсто од жителите на САД, Европа, Русија и Кина, затоа што поголемиот дел од црниот јаглероден чад останува на северната хемисфера.
По најавата на претседателот Владимир Путин дека Русија ја сменила нуклеарната доктрина, што во превод значи дека војната би можела да ја издигне на најопасното можно ниво, надеж дека нуклеарното копче нема да биде притисната дава изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека Путин е подготвен за контакти и преговори со Украина.