Што може консензуален кандидат да им понуди на албанските, а не може на македонските гласачи?

78

 

Кој ќе биде спаринг-партнер на претседателскиот кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, од редовите на владејачкото мнозинство ќе се знае до петок, иако конкурсот на СДСМ за кандидат за претседател на државата. Во меѓувреме, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев се обидува со лидерите на албанскиот блок да најдат заеднички консензуален кандидат. Првиот обид за изнаоѓање на прифатлива личност за двете страни Заев го направи со неговиот коалициски партнер Али Ахмети, а вчера попладне консултациите продолжија со лидерите на ДПА на Мендух Тачи и на Беса на Африм Гаши. Во потрага по заеднички прифатливо име и викендов во седиштето на СДСМ беше закажана средба со лидерите на помалите партии кои се дел од коалицијата.

Дали имало некаков договор или, пак, дали се разговарало за некое име, вчера до затворањето на весникот не беше познато, но по сите изгледи, Заев во името на коалицијата ќе чека да го објави на крајот на работната недела.

Аналитичарите, пак, сметаат дека идејата за избор на консензуален кандидат, заедничка прифатливо решение и за македонскиот и за албанскиот политички блок е спротивно на идејата “Едно општество за сите#, во кое би требало да се создаде еднаквост на граѓаните по сите основи.

Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека често се прави замена на разбирањето на консензуалниот кандидат, со тоа што “под прифатлив за сите граѓани” се протнува толкувањето за етничките заедници.

– Тука прво се поставува прашањето: Што тоа може консензуален кандидат да им понуди на албанските гласачи што не може да им го понуди на македонските гласачи, и обратно. Досега, тој концепт се злоупотребува за факторизација на етнички базираните партии во политичката битка. Исто како што тоа го прави непишаниот Мајски договор од 2007 година, според кој победниците во македонскиот и во албанскиот политички кампус мора да ја формираат новата влада. Работата е во тоа што според новата законска уставна реалност во Македонија етничките колективни права немаат никаква врска со избор на политичките претставници, вели Трошановски.

Премиерот Заев не открива кои личности биле фаворити при преговорите, само посочи дека од десетината имиња кои се спомнувале во јавноста, пет биле фаворити.

Кој ќе ја претставува владејачката партија во претседателската трка ќе се знае на конгресот закажан за 3 март. Единствен кој досега има поднесено кандидатура за претседател од СДСМ е поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.

Шестите претседателски избори беа распишани од претседателот на Собранието, Талат Џафери на 8 февруари. Првиот изборен круг е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај. (Е.А.)