Над стотина работници од текстилната и кожарската индустрија доставиле претставки до Здружението „Гласен Текстилец“-Штип дека немаат земено К-15.
Претседателката на НВО „Гласен Текстилец“-Штип, Кристина Ампева вели дека работниците стануваат храбри и доставуваат претставки, позитивно е и тоа што се помал број од нив се кријат, зад анонимните дојави.
-Голем е бројот на работници кои се јавија кај нас и се упатија директно самите од инспекторатот да пријават или барале барања да им изготвиме, за да тие самите се упатуваат во Инспекторатот за труд, вели Ампева.
Околу тоа дали инспекторите реагираат на пријавите на работниците, таа истакна дека по нејзини сознанија излегуваат на терен.
-Голем број од претставките досега се решени и голем дел од работниците си го имаат добиено своето К-15, а исто повторно настана проблем, како и минатата година со работничките, коишто биле на породилно отсуство, не го добиле својот регрес за годишен одмор и побараа да им бидат изготвени барања и си ги доставија до Инспекторатот за труд, рече Ампева.
Пет работнички кои користиле породилно боледување досега побарале помош од НВО „Гласен Текстилец“.
Ампева забележува дека работниците стануваат се похрабри, но и тоа важи и за компаниите, коишто во спредба со 2017 година во помал број имаат исплатено К-15. Таа истакнува дека на компаниите им станува се полесно да пријават загуби, за да не го исплатат максималниот износ, па на сметките по оваа ставка им стасуваат од 4.000 до 100 денари. Смета дека проблемот ќе се реши со колективниот договор во приватниот сектор, а во кој треба јасно да стои, кој е минималниот износ за исплата на регрес за годишен одмор за работниците.