Книжевната средба со шпанскиот автор Франсеск Миралјес, кој гостува во Скопје, ќе се случи на 15 ноември, во „Лабораториум“, со почеток од 19 часот каде читателите ќе имаат можност да се сретнат со човекот кој истражувајќи за своите книги, истражи и многу за себеси и допре до тајните на источните мудрости.
-Миралјес е еден од најчитаните странски автори кај нас, но и во светот. Неговите дела „Икигаи“, „Намасте“ и „Ичиго-ичие“ се продадени во неколку милиони примероци низ целиот свет. Миралјес е писател, новинар, пијанист, вечен патник и трагач по вистини. На оваа средба ќе ги чуеме неговите впечатоци и искуства од Индија, древната лулка на цивилизацијата, но исто така и од Јапонија, од каде што ја извлече тајната на долговечноста, како и од секоја друга точка на планетата што го поттикнува да истражува и да создава. Неговите согледувања и директното пренесување на дел од различните источни културни практики ткаат еден необичен книжевен мозаик, што му помага на современиот читател олеснето да издише и одново да се исполни со енергија и животен елан. Миралјес досега има објавено неколку романи и книги од областа на филозофијата на живеењето, а од нив „Намасте“, „Ичиго-ичие“, „Ваби-саби“, „Икигаи“, „Посакувам да си тука“, „Барселона блуз“ и „Љубов со мали букви“ се во превод на ТРИ, велат од издавачката куќа.
Влезот е отворен.