Германскиот канцелар Олаф Шолц предупреди на „лажни решенија“ во потрагата по мир во Украина во говорот на Генералното собрание на Обединетите нации.
– Затоа што мирот без слобода се нарекува угнетување. Мирот без правда се нарекува диктатура. Москва конечно мора да го разбере тоа – рече Шолц, повикувајќи го рускиот претседател Владимир Путин да стави крај на војната.
Украинците „се борат за своите животи, за својата слобода, за независноста и територијалниот интегритет на својата земја, за зачувување на самите принципи на кои сите ние се обврзавме во Повелбата на ОН – рече Шолц.
– А претседателот на Русија е тој што може да ја заврши (војната) во секое време со една наредба – додаде тој.
Шолц ги поддржа коментарите на генералниот секретар Антонио Гутереш за потребата од реформирање на Советот за безбедност на ОН.
Тој рече дека ОН мора да ја „одразуваат реалноста на мултиполарниот свет“, а тоа досега не беше случај.
– Никаде ова не е поочигледно како во составот на Советот за безбедност – нагласи тој.
Германскиот лидер изјави дека климатските промени предизвикани од човековата активност се најголемиот глобален предизвик на нашето време. Тој додаде дека Германија ги исполнува своите ветувања за меѓународно финансирање на климатските промени, пренесува Дојче веле.