Ерменската федерација за кревање тегови (АПФ) објави дека повеќекратниот државен шампион во овој спорт, Татул Харутијан (33), е убиен во борбите во Нагорно-Карабах. Веста за смртта на Харутијан беше објавена на Фејсбук без детали.
- Со голема тага известуваме дека во текот на борбите загина членот на АПФ, повеќекратен шампион на Ерменија и добар пријател – Татул Харутјан. Почивај во мир, хероју, се наведува во соопштението.
Пред околу десетина дена, Ерменија и Азербејџан се обвинија едни со други за прекугранични напади, а двете земји исто така го отфрлаат притисокот од меѓународната заедница да одржат мировни преговори бидејќи нивниот конфликт во регионот Нагорно-Карабах се претвора во полнокрвна војна.
Двете земји известија за прекугранични престрелки западно од отцепената област Нагорно-Карабах, што предизвика судири меѓу азербејџанските и ерменските сили.
Овие инциденти претставуваат дополнителна ескалација на конфликтот, иако Русија, САД и другите земји повикуваат на воздржаност.
Инаку, во оваа војна е убиен и ерменскиот фудбалер, Липарит Дастојан (22), кој ги бранеше боите за Аларшкет, тим кој македонска Ренова го елиминираше во квалификациите за пласман во Лигата на Европа оваа сезона, совладувајќи го на гости со 0:1. Но, поради обврските во војската, Дастојан не беше дел од тој натпревар.