Шилегов: Скопје има сериозен недостаток на обележани паркинг места

86

Во Скопје има сериозен недостаток на обележани паркинг места. Статистиките покажуваат дека девет до десет возила отпаѓаат на едно обележано паркинг место. Тоа придонесува граѓаните да ги паркираат автомобилите каде ќе стигнат. Само минатата година биле откриени околу 26.000 прекршители од непрописно паркирање.

– Како и проблемот со аерозагадувањето, овој проблем не може да добие моментално решение, имајќи го предвид дефицитот на обележани места и е предмет на анализа и на една посериозна обработка. Оттука совесното и одговорно паркирање е од непроценлива важност за спречување на хаосот во сообраќајот со кој граѓаните секојдневно се соочуваат особено во централното градско подрачје. Паралелно со ова, Град Скопје во текот на изминатава година се обидувавме да го дестимулираме автомобилскиот сообраќај со воведување на малку поатрактивни содржини и зголемување на можностите кај граѓаните на Градот за алтернативен вид на јавен транспорт – рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во СУГС „Јосип Броз Тито“ каде на учениците од трета година, како потенцијални идни активни учесници во сообраќајот, им беше претставен едукативниот проект„Паркирај совесно!“, што ќе се реализира во три фази со времетраење од четири месеци.

Шилегов рече дека МВР и Град Скопје сметаат дека во Скопје треба да се воведе Комунална полиција.

– Решавањето на проблемот со непрописно паркираните возила е особено важно за да се зголеми безбедноста на пешаците и велосипедистите чии што простори за движење се узурпирани од непрописно паркирани возила – рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Директорот на ЈП ПОЦ, Васко Кичевски накратко го објасни проектот. Кичевски рече дека ќе се одвива во три фази, во првите два месеци во сите средни училишта во Скопје ќе се одржат интерактивни едукативни предавања за прописно и совесно паркирање наменети за средношколците од трета година како потенцијални идни возачи.

– Третиот месец средношколците ќе излегуваат на терен заедно со контролорите на двете претппријатија и сообраќајните полицајци и ќе ги предупредуваат сите несовесно паркирани автомобили, а оние кои прописно се паркирани ќе добијат пофалници. Со цел да се поттикнат поактивно да се вклучат во проектот, средношколците ќе имаат задача да направат интересни фотографии од прописно и непрописно паркирани автомобили на паркиралиштата и ќе ги постираат на социјалните мрежи на проектот со интересни постови и хаштази. Најдобрите 10 фотографии кои ќе имаат најмногу лајкови, коментари и споделувања ќе добијат награда – бесплатен летен едукативен камп во Грција. Исто така, пред крајот на школската година ќе се тестираат учениците за стекнатото знаење од едукативните предавања. 10 ученици со најдобри оцени ќе ја добијат главната награда и ќе станат лидери на групи односно ментори на групи во летниот едукативен камп. Овие деца ќе посетуваат обуки за менторство и ќе добијат надоместок за успешно завршената задача – нагласи Кичевски.
(С.Бл.)