Откако на социјалните мрежи и во медиумите беа објавени фотографии со најразлично расфрлано ѓубре под прозорците на женската зграда на студентскиот дом “Пелагонија” во Кисела Вода, просторот експресно беше исчистен. Ама не од страна на “Комунална хигиена” како што најавија од ова јавно претпријатие, и не од станарите на домот, туку ракавите ги засукале вработените од домот.
И работата беше завршена пред доаѓањето на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој најави прес-конференција токму на местото на депонијата.
– Грдата слика да ја исчистиме. Ова не е работа на Град Скопје. Сите општини да се грижат за јавната хигиена. Овие диви депонии ги создаваат луѓе и тие не никнуваат од земја. Отпадот да го ставаме во корпите и контејнерите. Секој од нас носи одговорност – рече Шилегов.
Директорот на домот, Бујар Муртезани се закани прво со парични казни, по што нагласи дека ќе следи бркање од домот за студентите кои ќе продолжат да фрлаат ѓубре од прозорите во дворот на Домот.
– Јас и службите сме во редовна комуникација со студентите. Грдата слика ги нарушува имиџот на домот. Ќе биде поставен видео надзор и ќе има санкции. Сите студенти посовесно да се однесуваат – изјави Муртезани.
Директорот на ЈП”Комунална хигиена” Абдусамед Шабани рече дека оваа недела ќе ја посветат на подигнувањето на јавната свест за штетноста од несовесното постапување со отпадот и опасноста од создавањето диви депонии коишто директно ја загрозуваат животната околина и претставуваат закана за здравјето на граѓаните.
– Секој ден во неделата ќе исчистиме по една црна точка – започнавме во Топаана, денес сме во студентскиот дом „Пелагонија“ и до крајот на неделата ќе посочиме уште неколку локации каде што и покрај секојдневните интервенции на нашите екипи постојано се создаваат диви депонии, како резултат на неправилното одлагање на отпадот од страна на граѓаните – изјави Шабани.