Шилегов набавил противпожарната скала двојно поскапа од онаа што ја купил Загреб

190

Опозицијата обвини дека има сомнежи за сторен криминал во набавката на возилото со противпожарната скала, а градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, тврди дека дополнителната опрема што ја содржи скопското противпожарно возило, а ја нема загрепското, ја крева цената. Командантот на Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје, Владимир Симоновски, е револтиран од политичките преписки и потенцира дека и оваа служба заслужува да има ваква опрема за да можат да ги спасуваат граѓаните

Опозицијата го обвини скопскиот градоначалник Петре Шилегов за набавката на противпожарната автомеханичка скала вредна, како што истакнаа, повеќе од 1,7 милиони евра.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, на својата фејсбук-страница, реагира дека Скопје иако е двојно помал град од Загреб скалата со иста должина, обесена на иста каросерија, Шилегов ја платил двојно повеќе од пожарникарската скала што ја имаат купено во Загреб и покрај тоа што се наоѓаме во услови и на здравствена и на економска криза.

– Градската администрација во Загреб ја платила противпожарната скала со целосна дополнителна опрема за помалку од 800.000 евра (https://ted.europa.eu/udl… Но, ние затоа ќе платиме повеќе од двојно, дури 1.700.000 евра – пишува Мицковски, потенцирајќи дека, криминалците ќе одговараат за секоја кражба и секое расфрлање со народни пари.

Освен тоа, во преписка со Шилегов, Мицковски обвини и дека носител на набавката е унгарска компанија, со седиште во Будимпешта, а како нејзин партнер се јавува истата компанија каде што е косопственик зетот на секретарот на Град Скопје и најави дека во деновите што следуваат ќе откриваат сè повеќе сомнежи за сторен криминал на Шилегов.

Шилегов ги отфрла обвинувањата велејќи дека тоа се манипулации и објаснува дека дополнителната опрема што ја содржи скопското противпожарно возило, а ја нема загрепското, ја крева цената. А тоа се: компјутерска стабилизација на корпа, РЦ 400 корпа за 4 луѓе, плус, монтажа на корпа носилка за повредени, фен или чафовлекач кој се монтира на самата корпа, електромагнетна стабилност, агрегат за струја (за работа на скалата без погон на возилото), негативен нагиб на корпа до 8 метри во минус, сајла за спуштање на пожарникари, дополнителна скала за од корпа до кров, довод на вода за употреба на млазницата за гасење монтирана на сама корпа, подвижен под на корпа, компјутерска нивелација на цела надградба лево десно.

Шилегов денеска се обрати и до Државната комисија за спречување на корупцијата со барање за испитување на наводните сомнежи за постоење корупција и судир на интереси при реализација на набавката на специјализираното возило – противпожарна скала, која претставува единствена опрема од ваков тип на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

– Со цел, спречување на ширењето лажни вести и дезинформирање на јавноста, побаравме од ДКСК, преку своите механизми, да спроведе постапка за утврдување на наводните нерегуларности и на тој начин да ги информираме граѓаните на Скопје за уредноста на постапката при набавката на ваквата противпожарна скала – истакна Шилегов.

Од Град Скопје потсетуваат дека ова е прв пат Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје да набави ваква софистицирана опрема со која можат да интервенираат на објекти кои имаат повеќе од  пет ката, нешто што досега беше невозможно поради немање соодветна опрема.

– По 27 години, оваа градска администрација инвестира во опремата за хероите на Градот, а и во безбедноста на сите граѓани на Скопје. Станува збор за набавка спроведена низ високо транспарентна постапка на меѓународен тендер кој траеше шест месеци и чија вредност изнесување 1,7 милиони евра со ДДВ – наведуваат во соопштението градските власти.

Командантот на бригадата за противпожарна заштита на град Скопје, Владимир Симоновски, е револтиран од политичките преписки и потенцира дека и Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје заслужува да има ваква опрема за да можат да ги спасуваат граѓаните при евентуални несреќи.

– Револтиран сум и од двете страни. Еднаш добиваме нешто што ќе вреди, што ќе му остане на градот. Граѓаните чекаат спас од нас. Нас нè бараат и за пожари, за да спасиме маче, куче, луѓе заглавени во лифт, а ние немаме соодветна опрема. Треба и ние да се модернизираме. И ова е малку. По неколку милиони евра се даваат за други помалку потребни работи – истакна Симоновски.

Тој вели дека скалата е висока 42 метри, а возилото е со еуро 6 стандард  и со сета неопходна дополнителна опрема, која чини 300.000 евра.

– На пример со помош на корпата, иако возилото ќе биде паркирано на Кеј, ќе може да се влезе директно во Вардар за да се спаси давеник, без да влезе човек внатре – објасни Симоновски.

Тој истакна дека на возилото му е извршен технички прием пред околу 14 до 15 дена и дека се очекува да пристигне до крајот на месецот.

Симоновски објасни дека постапката за набавка на оваа скала е започната уште во септември 2019 година, а е завршена во декември, на крајот на годината, кога сè уште немаше пандемија.

– Оваа скала е ставена во јавни набави уште од 2010 година, а е купена по наша препорака врз основа на претходни анализи и испитување на теренот на градот. Заедно со неа требаше да се набават и три возила, но Бирото за управна контрола на јавни набавки не дозволи тоа да се реализира. За скалата сè беше во ред – објасни Симоновски.   

(А.П.)