Шефот на Вишото обвинителство ќе одговара за мобинг

Суспендиран обвинителот Мустафа Хајрулахи, ќе излезат ли предметите од фиока?

39

Шефот на вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи е суспендиран бидејќи против него е поднесена кривична пријава од страна на неговите колеги од обвинителството поради мобинг и малтретирање. Штипското обвинителство ја отвори истрагата против Хајрулахи и според неа постои сомнение за сторено продолжено кривично дело и тоа малтретирање во вршење на службата од член 143, како и за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик. Според кривичниот законик, продолжено кривично дело значи дека првиот човек на вишото обвинителство ги правел делата неколкупати.

„Кривичната пријава против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата беше поднесена до Јавното обвинителство од страна на група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје, по што таа беше проследена на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Штип. Во текот на истражните дејствија преземени од штипското обвинителство се добиени податоци и сознанија кои упатуваат на сомнение и за дејствија на злоупотреба на службената положба и овластување“, стои во соопштението на обвинителството.

Додека трае истрагата, обвинителот Хајрулахи не смее да оди на работа. Мобингот од страна на нивниот шеф, вработените го пријавија во Советот на јавните обвинители во јули годинава, а претставката беше проследена до државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Тогаш обвинителот изјави дека го предупредил Хајрулахи дека состојбата во обвинителството не му е добра и да преземе мерки.

Нетрпеливоста помеѓу Коцевски и Харулахи дојде до израз по извршената контрола во Вишото обвинителство поради сомнежи за нестручно работење. Сега суспендираниот Хајрулахи го обвини државниот обвинител Коцевски дека врши притисок за случајот со бонусите исплаќани во СЈО, му се јавил и му кажал да внимава каква одлука ќе се носи. Според Хајрулахи контролата дошла веднаш по неговото одбивање, тој да се меша во работата на обвинителот кој го работел предметот.

Коцевски ги отфрли обвинувањата и изјави дека инспекцијата во Вишото обвинителство била по информациите за нестручно работење. Изјави дека има обврска, првпат после повеќе од четири години да изврши надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, бидејќи до него пристигнале информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во обвинителството наводи кои биле документирани и во Советот на јавните обвинители. Бидејќи станува збор за продолжено кривично дело, нема информација за колку пријави против Хајрулахи станува збор. Дека нема работна атмосфера во Вишото обвинителство јавноста дозна кога тој си разменуваше кривични пријави со неговата колешка Фатиме Фетаи.

Мустафа Хајрулахи во јавноста често беше поврзуван со ДУИ, иако тој негираше дека е нивни човек. Заедно со  Дилавер Бектеши од Вишото обвинителство  го чуваа во фиока предметот и не го враќаа во Апелациониот суд  за осудените на затворски казни Ејуп Алими и Исмет Гури, за преправање на гласачки списоци во Чаир.

Беше единствен кандидат за втор мандат на функцијата Виш јавен обвинител на Скопје, а претходно  Советот на јавни обвинители му забележа дека за време на неговиот прв мандат немало ниту една заплена од предметите што ги работи ОЈО Скопје.

 Обвинителите добиваат стомачен вирус кога треба да спроведат акција против криминалци

Во последниот извештај, Европската комисија заклучи дека земјава нема постигнато напредок во превенцијата и борбата против корупцијата и корупција останува распространета во многу области и е прашање на сериозна загриженост. Премиерот Христијан Мицковски обелодени дека обвинители ги фаќало стомачен вирус кога требало да спроведат акција против криминалци од, како што рече, минато владеење.

„Често пати откако сме влада, се случува да некои од обвинителите, да имаат стомачни проблеми, главоболки, температура  во моментот кога треба да се спроведе резолутна акција против криминалци кои беа симбол на едно минато седумгодишно владеење кое не треба да ни се повтори. Оваа борба ќе биде тешка  против овие малкумина во обвинителството и во  судството кои се слепи послушници на СДСМ и ДУИ. Ќе  бидат победени,граѓаните ќе добијат правда“ -изјави премиерот.

Одговорајќи на новинарско прашање како ја коментира одлуката на Антикорупциската комисија дека именувањата на членови на Управниот одбор во Академијата за судии и јавни обвинители од редовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е спротивна на законот за корупција и судир на интереси, рече дека инсталациите на СДСМ и на ДУИ во обвинителството и во судството се жилави и оти борбата со нив ќе била тешка.

Весникот ВЕЧЕР го праша Судскиот совет дали ќе постапуваат по одлуката на Антикорупциска, претседателката Весна Дамева ни одговори дека до Советот нема доставено одлука, па не се во можност да анализираат и да се произнесат по тоа прашање. (П.А)