Командантот на руската платеничка група „Вагнер“ се закани дека ќе се повлече од Бахмут, украинскиот град кој Русите со месеци го напаѓаат, во интервју објавено денеска откако беспилотно летало запали резервоари со нафта на Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.
„Секој ден ставаме илјадници тела во ковчези и ги испраќаме дома“, рече Евгениј Пригожин во интервју со рускиот воен блогер Семјон Пегов. Загубите се пет пати поголеми од потребните бидејќи немаме доволно артилериска муниција“, вели Пригожин (61).
Тој откри дека му пишал на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу барајќи од него да ја испрати муницијата што е можно поскоро.
„Ако недостигот на муниција не се реши, принудени сме – за да не бегаме кукавички како стаорци – или да се повлечеме или да умреме“, рече тој.
Пригожин додаде дека веројатно ќе мора да повлече дел од своите војници, но дека тоа значи дека фронтот некаде ќе падне.
Борбите за источниот украински град Бахмут траат со месеци, со големи човечки загуби од двете страни. Украинските бранители сега контролираат само мала област во западниот дел од градот.