Во Драмскиот театар Скопје, од 15 до 20 октомври, ќе се одржи третото издание на меѓународниот театарскиот фестивал Рута.
Македонската публика на сцената „Ристо Стефановски“ ќе има можност да проследи шест претстави на театри од регионот, дел од нив копродукции на членките на Регионалната унија на театри.
Во Дрмски притоа ќе гостуваат Београдско драмско позориште од Србија, Камерни театар 55 од Сараево, Босна и Херцеговина, од Хрватска, пак, Казалиште Улисис и театарот Гавела од Загреб ќе настапат со копродукција. Местно гледалишче Љубљана од Словенија ќе игра со претстава работена во копродукција со Београдско драмско позориште, а на фестивалот со свои претстави од годинешнава продукција ќе се претстават и Градско позориште Подгорица и Драмски театар Скопје.
На свеченото отворање на РУТА, на 15 октомври во 20 часот, ансамблот на Драмски ќе ја изведе претставата „Хеда Габлер“. Претставата ја имаше својата премиера во април годинава и е работена по текст на Хенрик Ибзен. Режисер на претставата е Васил Христов, кој заедно со Викторија Рангелова – Петровска работел на адаптацијата. Сценографијата е на Христов, а костимите на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска. Улогите ги толкуваат: Сања Арсовска, Зоран Љутков, Владимир Петровиќ, Дениз Абдула и Сара Климоска.
За втората фестивалска вечер, на 16 октомври, е најавена претстава од Хрватска. Режисерката Ленка Удовички и ансамблите на театар Улисис и Градски драмски театар Гавела од Загреб во копродукција ќе ја изведат „Опера за три гроша“ од писателот Бертол Брехт и композиторот Курт Веил. Улогите им се доверени на актерите Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Ника Иванчиќ, Аница Контиќ, Ана Квргиќ, Лана Менига, Барбара Нола, Мада Першиќ, Тара Росандиќ, Дијана Видушин и Дени Санковиќ.
Камерни театар 55 од Сараево на 17 октомври настапува со претставата „Целосно странци“ темелена на истоимениот филм на италијанскиот режисер Паоло Ѓеновезе. Режијата е на Лајла Каикчија. Седуммина пријатели, кои собрани на вечера се дружат носејќи ги своите тајни во мобилните телефони, се плашат со едно мало невнимание, она што го сметаме само наше да не излезе на виделина. Улогите ги играат Сабит Сејдиновиќ, Ванеса Глоѓо, Албан Укај, Сенад Алихоџиќ, Дина Мушановиќ, Надине Мичиќ и Игор Скварица.
Инспирирани од познатиот филм на Ингмар Бергман „Сцени од брачниот живот“, авторката Драгана Трипковиќ и режисерот Данило Маруновиќ ја направиле претставата „Мислам дека треба да разговараме“ со која пред македонската публика на 18 октомври ќе се претстави ансамблот на Градско позориште Подгорица. Улогите ги играат Миливоје Обрадовиќ, Вања Јовичевиќ, Јелена Ненезиќ, Милош Пејовиќ, Ивона Човиќ Јакимовиќ и Павле Поповиќ.
Београдско драмско позориште годинава на РУТА доаѓа со претставата „Швејк“ работена по сатиричниот роман на чешкиот писател Јарослав Хашек. Режисер е Вељко Миќуновиќ, а улогите ги толкуваат актерите Озрен Грабариќ, Милутин Милошевиќ, Милутин Дапчевиќ, Милош Лазаров, Наташа Марковиќ, Бојана Стојковиќ, Ива Илинчиќ, Ивана Николиќ и Ивана Вукмировиќ.
Годенашново трето издание на РУТА во Драмски на 20 октомври го затвора претставата работена во копродукција на Местно гледалишче Љубљана и Београдско драмско позориште – „Иднина“ на словенечкиот режисер Жига Дивјак. Тоа е претстава која ја отсликува сложената мрежа на меѓусебни влијанија на се’ и сите околу нас. Улогите ги толкуваат актери од ансамблите на Местно гледалиште Љубљана и Београдско драмско позориште: Бернарда Оман, Грегор Груден, Лара Волф, Изток Драбик Југ, Гегор Зорц, Лотос Шпаровец, Милена Васиќ, Јана Бјелица, Марија Пикиќ, Милан Зариќ, Стефан Старчевиќ и Милан Колак.