Организирана група од десетмина осомничени од Скопје, Неготино, Дојран и од Битола шверцувала скапи автомобили од земјите од Европската Унија, кои подоцна ги препродавала тука, во земјава. Полицијата и Основното јавно обвинителство од Скопје ја спроведоа акцијата и најавија дека ќе биде отворена истрага за осомничените од групата, поради учество во шверцување луксузни автомобили од странство. Две години групата фалсификувала исправи и, со лажни документи и со преправени броеви на шасијата, ги внесувала автомобилите преку странски граници во Македонија. Возилата од десетици илјади евра биле евидентирани како предмети на меѓународна потрага, односно биле украдени, а не се исклучува и дека биле правени и други кривични дела со нив. Во автомобилите нелегално се пренесувале стоки и предмети, со што правеле и царински измами. Дека секој организиран криминал е поддржан од службени лица, потврдува и овој случај со шверц на автомобили, осомничени се двајца вработени во управните служби за регистрација на возила. Полицијата истражува инволвираност и на други лица.
– Возилата ги регистрирале тука и еден дел од нив меѓусебно си ги препродавале по неколкупати за да го прикријат шверцувањето, по што ги отуѓувале на крајни корисници. Меѓу осомничените се две службени лица вработени во управните служби за регистрација на возила. Еден од осомничените е државјанин на Република Грција и за него, со оглед на претходно воспоставената соработка меѓу Основното јавно обвинителство – Скопје и грчките органи, кривичниот прогон ќе ѝ биде отстапен на Република Грција – соопштуваат од ОЈО Скопје.
По направените претреси во домовите на десеттемина осомничени низ државата, одземен е доказен материјал – од фалсификувани документи до 25 грама кокаин, компјутери и телефони, кои се дадени на вештачење. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, потврди дека се спроведува акција насочена кон спречување организирана криминална група што се занимава со шверцување на скапи моторни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службената положба.
– Акцијата е насочена кон спречување организирана криминална група што се занимава со шверцување на скапи моторни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службената положба, за што утрово се вршеа претреси на повеќе локации. Продолжуваме со борбата против сите облици на криминал, затоа што македонските граѓани заслужуваат да живеат во стабилна и безбедна држава – потенцира Тошковски.
Министерот, како што соопшти МВР, во текот на вчерашниот ден ги посетил полициските службеници во Единицата за внатрешни работи во Ѓорче Петров, каде што одблиску се запознал со текот на акцијата што се спроведува од СВР Скопје, во координација со Одделот за криминалистичка полиција. Од полицијата најавуваат повеќе детали по документирање на случајот. (П.А)