Една од најуспешните нации кога се работи за машкиот репрезентативен ракомет, Шведска, го промовираше новиот селектор. Станува збор за Микаел Апелгрен, кој беше асистент на досегашниот стратег Глен Солберг, а сега потпиша договор до 2028 година.

Апелгрен од ова лето има клупски предизвик во унгарскиот ПИК Сегед, па ќе мора да ги комбинира двете работи.

„Откако работам како тренер повеќе од десет години, ова е нешто за кое што сонувам. Супер е да се предводи националниот тим“, кажа Апелгрен.

Во тренерската кариера беше дел од норвешкиот Елверум и шведскиот Савехоф, пред да замине во Унгарија. Првите тестови за новиот шведски селектор ќе бидат натпреварите од ЕХФ Евро купот против Франција и Данска во ноемвриската ЕХФ недела.