Иако голфот како спорт не е премногу актуелен во нашата држава, сепак надвор од Балканот го сметаат како еден од најатрактивните спортови, кој ги полни медиумските страници со доста интересни случки.

Изминатите неколку дена главна тема во овој спорт беше Меделина Сагстром. Дваесет и осумгодишната шведска голферка и моментно 62-ра на светската ранг листа, реши на социјалните мрежи да открие црна и трауматична епизода од нејзиното детство кога била сексуално вознемирена.

На својот Инстаграм-профил таа опиша како излегла на крај со немилиот настан кој се случил кога имала само седум години.

  • Молчев многу долго и се преправав дека сè е во ред. Знаев дека не е, но се однесував така. Голот ме спаси. Кога застанав на теренот и започнав да играм, заборавив на сè што се случи, истакна Сагстром, па додаде:
  • Се мразев себеси. Ми требаше време да го сфатам тоа. Се обвинував, бев исплашена, бев и физички и психички дотолчена. Најважниот чекор беше кога ја раскажав таа мрачна приказна на мојот тренер. После тоа започнав да освојувам турнири, се чинеше дека некој ми даде нов живот. Сите што сте доживеале вакво нешто, верувајте ми дека ќе ви биде полесно кога ќе го исфрлите од вас и откриете што носите во себе. Наскоро им реков и на родителите и пријателите, сега сè е полесно, заклучи шведската голферка која не сакаше јавно да го открие монструмот.