Швајцарските работници со просечни 4.370 евра десет пати поплатени од македонските

66

Македонија со 400 евра е меѓу земјите со најниски просечни нето-плати во Европа, но премиерот Зоран Заев очекува дека со субвенции и поттикнување на вработувањата до крајот на неговиот мандат, просечните примања во државата ќе се покачат за уште 100 евра и најавува дека со закон ќе се зголеми и минималната плата која сега изнесува 12.000 денари

 

Со просечна нето-плата од 24.817 денари, или 400 евра Македонија останува во друштвото на земјите со најниски примања во Европа. Ваквиот рејтинг нашата држава го одржува и понатаму иако платите постојано растат, а според Државниот завод за статистика во однос на 2017 година, лани просечната плата се зголемила за 6,3 проценти.

Меѓу европските држави според платите македонските работници се само малку подобри од албанските, косовските, молдавските. кои земаат некое евро помалкуците. Каде платите се за некое евро пониски. Во другите држави од регионот просечната плата е поголема, додека во споредба со Швајцарија, каде просечната плата е највисока во Европа, во Македонија таа е 10 пати помала.

Според најновите објавени податоци просечната плата во Швајцарија минатата година изнесувала 4.370 евра. Меѓу европските земји кои не се членки на Европската Унија најдобро платени се работниците во Исланд со 3.568 евра и Норвешка со 3.309 евра. Десетте највисоки плати во земјите на Европската Унија се делат во Данска каде што просекот е 3.270 евра, во Луксембург – 3.159 евра, Шведска – 2.570 евра, Финска – 2.509 евра, Ирска – 2.479, Австрија – 2.324, Германија – 2.270 евра, Франција – 2.250 евра, Холандија – 2.155 и Велика Британија каде што просекот на платите изнесува 1.990 евра.

Познат е податокот дека македонските граѓани ќе можат да го достигнат стандардот на граѓаните на овие развиени земји за 30, односно 60 години, во зависност од тоа со какво темпо ќе расте економијата. Но, премиерот Зоран Заев е оптимист дека за две години, кога завршува мандатот на Владата која тој ја предводи, Македонија ќе се одлепи од дното на табелата со платите во Европа и ќе се покачи малку погоре. Деновиве тој изјави дека има реални можности пред крајот на мандатот, како што е ветено, во Македонија да се постигне просечна плата од 500 евра.

– Минатата година ја завршивме со просечна плата од повеќе од 24 илјади денари или 400 евра. Можам да најавам дека дополнително ќе донесеме одлука за зголемување на минималната плата, бидејќи со нејзиното зголемување почна спиралата на раст на просечната плата што траеше до септември, а видовме дека продолжи и потоа, рече тој.

Очекувањата се дека тренингот на младите луѓе, младинската гаранција и активните мерки за вработување ќе резултираат со зголемена просечна плата.

– Ако успееме да преквалификуваме и подготвиме поголем број на работна сила во Македонија за потребите на пазарот на трудот верувам дека повеќе ќе го динамизираме покачувањето на платите, потенцира Заев.

Просечната плата расте и кога ќе се зголеми минималната, а според најавите на премиерот, ќе се случи и тоа. Без да кажува детали тој неделава најави дека Владата со закон повторно ќе ја зголемува минималната плата. По ланското зголемување сега минималецот изнесува 12.000 денари, а според најавите на премиерот, неговиот раст и понатаму ќе се поттикнува со субвенциите од државата кои и сега ги примаат компаниите.

Вчера Заев изјави дека за реализирање на намерата за зголемување на минималната плата допрва треба да почнат разговорите со засегнатите страни во Економско социјалниот совет.

– Тоа ќе биде транспарентен процес. Ќе преговараме со синдикатите и исто така со работодавачите. И медиумите ќе бидат вклучени за да известуваат за процесот, бидејќи ние сме солидарна држава. Ние веќе еднаш така направивме кога ја зголемивме минималната плата првиот пат, истакна тој.

Чуварот на државната каса, министерот за финансии Драган Тевдовски, смета дека ваков раст на платите е можен, зашто, како што вели, економијата во Македонија закрепнала, а приватниот сектор веќе е главен двигател на растот. Тој потенцира дека растот на платите ја зголемува потрошувачката, која пак, поттикнува поголема економска активност.