По добивањето коментари и сугестии од дебатата за Националната стратегија за ИКТ, се подготвува информацијата за следната владина седница, најави денеска министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири.
Како што соопшти МИОА, Шаќири порачува дека иднината на нашето општество е тесно поврзана со технологијата и затоа паралелно со процесот на дигитализација се грижиме и за сајбер безбедноста.
Министерот Шаќири нагласува дека ќе се зајакне улогата на Националниот Центар за одговор на компјутерски инциденти МКД-ЦИРТ, како дел од Дигиталната агенција, која ќе се формира преку нацрт -законот подготвен од МИОА. Овој Центар ќе биде координатор на сите други локални центри и ќе работи во рамките на другите клучни институции во Република Северна Македонија.
„Во соработка со Министерството за образование и наука подготвуваме нацрт -проект кој ќе има за цел да ја зачува хигиената и сајбер будноста и да ги заштити учениците и децата од сајбер напади“, информира Шаќири.
Како што информираа претходно од МИОА, Националната стратегија за ИКТ 2021 – 2025 на Република Северна Македонија“ се фокусира на утврдување на приоритетните области во ИКТ-секторот и има за цел да ја подготви РСМ за сестрана и агилна дигитална иднина.