Европска компанија од Јужен Тирол, Италија, доби зелено светло од македонската Влада да го реализира својот проект вреден 186 милиони евра, со кој ќе ја направи Попова Шапка реномиран ски-центар на Балканот. Станува збор за „Техноалпин“ – светски лидер во производството и во инсталирањето системи за вештачки снег, признат експерт за дизајн на скијачки терени и скијачки зони, со 30-годишно искуство, 16 зависни друштва низ светот и со 600 вработени.
Министерот за животна средина Насер Нуредини вели дека италијанскиот инвеститор понудил амбициозен план за развој, иновации и раст на ски-центарот Попова Шапка. Со него се планира модернизација на постоечката ски-зона и нејзино територијално проширување, подобрување на примарната инфраструктура неопходна за развој на областа, со квантитативно и квалитативно подобрување на туристичко-сместувачката дејност, со вклучување нови капацитети за приспособување на туристичката понуда на актуелните барања на туристичкиот пазар и нејзино проширување.
– Станува збор за голем инвестициски проект, што е резултат на нашите напори да ги заштитиме природните вредности на начин со кој, покрај максимална заштита, ќе обезбедиме и услови за социоекономски развој и можност нашите природни убавини да бидат атрактивни, европски, да привлекуваат туристи од целиот свет, да ѝ носат приход на државата. А, за граѓаните да отвораат нови работни места и нови економски можности – истакна Нуредини.
Тој појаснува дека станува збор за стратешко партнерство со ски-центарот Попова Шапка. Реализацијата вклучува реновирање на постојните капацитети, поставување систем за правење снег, проширување на постојната скијачка зона со нови објекти и патеки, реновирање и проширување на хотелите, изградба на нови хотелски капацитети, изградба на асфалтни паркиралишта, велосипедски патеки и креирање други рекреативни активности, со што овој центар ќе добие можност да се вброи во најмодерните европски зимски центри.
– Инвестицијата треба да стартува од 2023 година и ќе се реализира во шест инвестициски фази, од кои првата изнесува приближно 55 милиони евра – истакнува Нуредини.
Министерот Нуредини смета дека туризмот на македонските планини, иако доживува позитивен тренд, има силна потреба од масовно реновирање на постоечките капацитети за да се исполнат тековните стандарди за квалитет што ги бара пазарот.
– Долгогодишното неинвестирање доведе до сериозно заостанување и неискористеност на можностите и капацитетите за развој на туризмот – вели Нуредини.
Ски-центарот Попова Шапка е најголем, но неискористен потенцијал во регионот. Првиот снег што ги забели падините, ги подгреа очекувањата дека, можеби, оваа ски-сезона ќе биде подобра од претходните. „Елемтурс“, кој стопанисува со ски-центарот Попова Шапка, ги подготви расположливите капацитети, вклучително и на ски-лифтовите и жичниците, но ски-сезоната ќе стартува кога ќе има доволно квалитетен снег. Оттаму велат дека нема да штедат на струја и ски-лифтовите и жичарниците ќе работат цела сезона.
„Елемтурс“ стопанисува и со ски-центарот Копанки на Пелистер.
Зимување во ски-центрарот Попова Шапка, па и во Маврово, чини поевтино од она што го нудат зимските центри во соседството ако се имаат предвид цените на пансионите во хотелите, но тука треба да се додадат и цените на ски-билетите за жичниците и за опремата ако се изнајмува. Во хотелите на „Елемтурс“ на Попова Шапка и на Пелистер цените на пансионите се речиси идентични. Седумдневен престој со полн пансион во хотелите „Попова Шапка“ и „Славија“ на Попова Шапка, според објавениот ценовник, чини 210 евра во претсезона и околу 300 евра во сезона, без парите што ќе треба да ги потрошите за ски-лифтови и за паркинг.
За еден ден престој во двокреветна соба во претсезона (до 15 декември) за лице во хотелите „Попова Шапка“ и „Славија“ се плаќа 1.320 денари за ноќевање со појадок, 1.620 денар за полупансион и 1.900 денари за цел пансион. Во екот на сезоната, односно од јануари до крајот на март, цените се 1.700 денари за ноќевање, 2.180 денари за полупансион и 2.520 денари за полн пансион.
Инаку, во моментов, во тек е промоција за претпродажба на ски-билетите за Попова Шапка и за Копанки, а во првиот дел на ноември имаше и рана претпродажба. Од „Елемтурс“ најавуваат дека од оваа година сопствениците на сезонски ски-билет за Попова Шапка ќе може бесплатно да скијаат три последователни дена во Колашин во Црна Гора, но и обратно. Наскоро ќе бидат објавени и цените за дневните ски-билети за оваа сезона.
(С.Бл.)