Шакира се спогоди – ќе плати само половина!

98

Колумбиската поп ѕвезда Шакира (46) се договори со обвинителите во понеделникот, избегнувајќи судење во Барселона под обвинение дека не платила 14,5 милиони евра  данок на доход во Шпанија во периодот од 2012 до 2014 година.

Како дел од договорот, таа го прифати обвинението и се согласи да плати 50 отсто од износот на наводниот долг, што е околу 7,3 милиони евра.

Таа, исто така, се согласи да плати парична казна од 438.000 евра, за да избегне тригодишна затворска казна, рече судијата за време на рочиштето.

Случајот беше заснован на тврдењето дека Шакира од 2012 до 2014 поминала повеќе од шест месеци годишно како жителка на Шпанија, што ја обврзувало да ѝ плати данок на државата. Таа тврдеше дека не престојувала толку во Шпанија во тој период и првично одби да се спогоди со обвинителите.

„Спогодбата ја направив во интерес на моите деца. Не сакав тие да ја гледаат нивната мајка како си го жртвува здравјето во оваа борба“, изјави Шакира, која сега живее во Мајами.

Во јули, обвинителите објавија документ кој тврдеше дека таа купила куќа во Барселона во 2012, која станала нејзин семеен дом додека беше во врска со фудбалерот Жерард Пике. Адвокатите на Шакира кажаа дека до 2014 најголем дел од нејзините приходи доаѓал од меѓународните турнеи и таа долго време била надвор од Шпанија.