Во силна конкуренција од 180 јуниори и 150 сениори, тимот ученици Максим Таневски, Петар Калкашлиев и Андрија Крстиќ од седмо одделение во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ го освои четвртото место во јуниорска конкуренција на регионалниот натпревар World Sckolar’s Cup (Светски училишен куп), кој се одржа во Скопје. Додека на поединечните натпреварувања, тие освоија бројни златни и сребрени медали. Со ваквиот пласман, тие се квалификуваа за учество на глобалниот натпревар World Scholar’s Cup, кој оваа година ќе се одржи на четири различни локации во светот (Доха, Лондон, Сеул или Бангког).
Овој натпревар се одржа на 3 и 4 март 2023 година, а на него учествуваа 40-мина ученици од основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, заедно со својот наставник по англиски јазик, Билјана Стојаноска.
Инаку, тимот на јуниори од ова училиште се натпреваруваше во три дисциплини на англиски јазик: тимски дебати, тестови по знаење во различни области (историја, природни науки, музика и уметност, литература и медиумска писменост, општествени науки) и пишување есеи.
Предизвикот за Максим Танески, Петар Калкашлиев и за Андрија Крстиќ и за нивниот наставник по англиски јазик е огромен, бидејќи на натпреварот во Лондон, Англија, ќе ја претставуваат нашата земја во уште посилна конкуренција. Се очекува учество на повеќе од 1.500 ученици од 50 земји. Воедно, тие би имале можност да се здобијат со дополнителни вештини (лидерски вештини, зголемување на својот капацитет за дебата, подобрување на својата критичка мисла, развивање здрав натпреварувачки дух, интеркултурно дружење со ученици од цел свет, унапредување на јазичните вештини и сл.), кои, секако, би им користеле во нивниот понатамошен образовен процес и позитивно би влијаеле врз натамошното развивање и стимулирање на нивниот талент.
Учениците и наставничката уште отсега се подготвуваат за финалето и, како што велат, дебатираат и се договараат.
– Во тој дел немаме проблеми. Но морам да кажам дека организацијата да се стигне дотаму не е воопшто лесна. Прво, проблемот со визите, потоа картите, сместувањето, котизацијата за учество, итн. Сериозни се и трошоците, но и организациските подготовки. Потоа, ако успееме сè да средиме, ќе видиме како ќе се организираме за учество на вечерите каде што ја претставуваме државата. Тоа е дополнителна организација за која треба да се смисли рекламен материјал, да се транспортира и да се претстави така како што е редот. Да се надеваме дека ќе се појави некоја општествено одговорна компанија, која ќе помогне во реализацијата на целата оваа активност – истакна Стојаноска.
Максим вели дека го користат секое слободно време со наставничката за да се подготвуваат на темите дадени за оваа година.
– Тоа е паралелен курикулум. И покрај тековните обврски за на училиште, натпреварите на кои учествуваме, успеваме да најдеме време и за подготовките за Лондон. Знаеме дека патувањето сè уште е неизвесно, но желбата за успех е огромна, па затоа уште отсега се подготвуваме – нагласува тој.
Максим се надева на значајни резултати, бидејќи, како што истакна, смета дека нивниот тим е солиден.
– Но, освен резултати, можеби, е побитно што нè има на вакви глобални настани. Како што знае да каже нашата наставничка, ние сме амбасадори на нашата држава и, секако, достојно ја претставуваме.
Од сите натпреварувања на кои учествувал, а ги има многу, за него, најинтересен е Светскиот училиштен куп.
– WSC e тимска работа, се учат нови и интересни содржини од сите области, се склопуваат многу нови пријателства, се учи за различни култури, за различни држави… Чувството да се биде на меѓународен WSC е како да ја претставувате Македонија на олимпијада, ама во знаење. На денот на доделување на наградите, убаво е и чувството кога во сала од 500 деца го виорите македонското знаме, а потоа останатите ви бараат парче плус да си го земат како спомен за дома. Така што, иако ги сакам натпреварите ,меѓународниот WSC е различен и посебен од сè останато – дециден е Максим.
Андрија годинава за прв пат учествуваше на WSC, а за натпреварот чул од својата наставничка Билјана Стојаноска.
– Нејзиното претставување на предизвикот, како и искуствата на постарите ученици што учествуваа минатата година, беа доволни да поттикнат љубопитност кај мене и желба да се пријавам за натпреварот. Дополнителна мотивација ми беа желбата и очекувањето да ги подобрам моите вештини за презентирање, јавно говорење и работа во тимови. Во текот на подготовките и на самиот натпревар, кои беа исполнети со подготовки и дебати на теми во кои уживавме, учевме и се развивавме како поединци и како тим. Можам да кажам дека целото искуство беше подобро од сите мои очекувања – раскажува Андрија.
На регионалната рунда, покрај тимскиот резултат, тој беше прогласен и за најдобар јуниор. Учеството на финалето во Лондон, за него, е голем предизвик, бидејќи ќе се натпреваруваат со најдобрите тимови од различни земји.
– Тоа ме мотивира да работам уште понапорно за да го претставиме нашето училиште во најдобро светло. Исто така, очекувам да запознаам многу мои врсници и разменувајќи аргументи на актуелни и интересни теми, да создадам и нови пријателства – смета Андрија.
Петар е третиот член на тимот што учествуваше на Светскиот училиштен куп. Поучен од искуството на натпреварот, тој им порача на другите деца да пробаат, да изберат нешто во што уживаат и сакаат да го прават.
– Убаво е да се натпреваруваш, а желбата за успех те тера со леснотија да го совладуваш предизвикот – заклучи тој.
Како што објасни наставничката Стојаноска, Светскиот училиштен куп е глобално натпреварување, кое се организира веќе 19 години по ред, на сите континенти во над 50 држави.
– Тоа е куп на знаење од сите области, природни науки и нови технологии, општествени науки, историја, литература и книжевност, уметности и музика. Децата се подготвуваат со месеци на однапред зададени теми од сите овие области. Најпрво се одржуваат регионални натпревари, потоа шест глобални рунди. Секоја година се менуваат градовите, но финалето секогаш е во Соединетите Американски Држави, на Универзитетот „Јеил“.
Ова искуство, за Стојаноска, е веќе четврта година по ред и, како што вели, секоја година ова натпреварување станува сè поатрактивно кај децата и секоја година се бележат подобри резултати.
– Децата се оценуваат тимски, но и индивидуално, како во знаење така и во поседување најразлични вештини, пишување, креативност, ораторски способности, но и таленти. Начинот е многу поразличен од сите наши државни натпревари, сè е како низ игра, со јакнење на тимскиот дух, бодрење и уважување на резултатите на противникот. Самиот натпревар е смислен да трае неколку дена, период во кој децата може да склопуваат нови познанства и да градат мрежи, т.е. да се поврзуваат и тие нови познанства да траат – објаснува Стојаноска.
Таа како што нагласува, нема бенефит од овој натпревар, а единствената придобивка за неа се среќни деца, кои градат самодоверба, совладуваат вештини потребни за 21 век, стекнуваат дополнително знаење и одат по патот на успехот.
– За нив, ова е огромно искуство, но тука бенефит, секако, има и државата. На своите натпреварувања, особено на културните саеми, кои се секогаш организирани на глобалните рунди, тие ја промовираат Македонија, од тоа каде се наоѓа, што е интересно за посетување, за јадење, кое е наше национално и културно богатство, итн. Има и други настани на глобалните рунди, каде што имаме можност да ја претставуваме државата, но сето тоа е скапо и некако досега се снаоѓавме – раскажува Стојаноска.
Во Прага, минатата година, ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ учествуваше со два тима. Двата тима имаа забележителни резултати во многу сериозна конкуренција од учесници од 40 држави.
– Се вративме со еден куп златни и сребрени медали и со чувство дека достојно ја претставивме државата. Децата се подготвуваа цело лето и резултатите си дојдоа. За минатата година, добивме поддршка од градоначалникот на Општина Центар и по враќањето, беа направени неколку прилози со децата и за нивните остварени резултати – вели Стојаноска.
(А.П.)