Човекот од сенка е „Златна топка“ за љубителите на фудбалот

104

На 28 октомври по втор пат ќе биде доделена „Златната топка“ за најдобар фудбалер во една сезона, а не во календарска година како што беше во минатото.

Поради промената на правилата и освојувањето на Светското првенство во Катар, Лионел Меси минатата година по осми пат ја освои престижната награда и тешко дека некој ќе го надмине во иднина.

Оваа сезона дефинитивно некој друг ќе го преземе тронот. Во текот на целата сезона, три имиња се форсираа како главни кандидати, а тоа се ѕвездите на Реал (М), Винисиус Јуниор и Џуд Белингем, како и Французинот Килијан Мбапе.

Сепак, по очајно одиграното ЕП 2024, Мбапе дефинитивно отпадна од игра, Винисиус Жуниор значително ги намали шансите со катастрофалниот настап со Бразил на Копа Америка, но поради трофејот со Реал (М) во ЛШ и понатаму котира високо и е првиот фаворит за наградата.

Сепак, тој сигурно нема да го види трофејот доколку неговиот клупски колега Џуд Белингем го освои ЕП со репрезентацијата на Англија.

Белингем со својот гол го спаси „Гордиот Албион“ од елиминација од Словачка во осминафиналето, а Англичаните потоа успеаја да се пласираат во финалето каде за противник ќе ја имаат селекцијата на Шпанија.

Со пласманот во финалето, фудбалерот на Реал (М) стана прв фаворит за освојување на Златната топка. Во текот на сезоната Џуд и Винисиус ги освоија истите трофеи со „кралскиот клуб“, но Англичанецот направи повеќе со националниот тим и затоа има поуспешна сезона во која постигна 27 гола, запиша 16 асистенции и постигна два клучни гола на ЕП 2024.

Сепак, љубителите на фудбалот би ја дале „Златната топка“ на човекот од сенка. Играчот од средниот ред на Манчестер Сити, Родри ја водеше Шпанија во текот на целиот турнир и игра навистина неверојатен фудбал.

28-годишниот фудбалер имаше феноменална сезона во дресот на „граѓаните“. Родри постигна 12 гола, забележа 15 асистенции и ги освои трофеите во Премиер лигата, Светското клупско првенство и УЕФА Суперкупот.