Членството на Македонија во НАТО значи да имате уште триесет и една земја посветени да ве заштитат и да ве бранат од кој било агресор, порача Евроатлантскиот совет на Македонија, по повод 75-годишнината од основањето на Алијансата што вчера се одбележуваше во седиштето на светската безбедносна организација во Брисел.

Евроатлантскиот совет го опиша НАТО и како алијанса на вредности и постојана коалиција на демократии, со сите политички и дипломатски предности, но и со воена решеност да ја штити територијата на секој свој член.

– Од 12 основачки земји членки, денес на 32 сојузници НАТО обезбедува мир и безбедност за над една милијарда луѓе од двете страни на Атлантикот. Заедно со нашите партнери од целиот свет, ќе продолжиме да ги промовираме евроатлантските вредности во нашето општество, со цел унапредување на демократијата, слободата, човековите права, развојот и безбедноста на нашите граѓани. Стоејќи заедно, ние сме посилни и побезбедни. Ние сме НАТО – се вели во соопштението на Евроатлантскиот совет на Македонија.

И министеркатa за одбрана, Славјанка Петровска, изјави дека членството во НАТО е потврда за нашата посветеност кон мирот и стабилноста и подготвеност да придонесеме кон глобалната безбедност, порачувајќи дека чувствува голема чест и одговорност што ја предводи одбраната во времиња кога соработката и колективната одбрана се поважни од кога било.

Таа, преку видеопорака, им се обрати на граѓаните во земјава додека во Брисел, министрите за надворешни работи на 32 земји членки на НАТО се собраа да ја одбележат годишнината.

– Во годината во која Северна Македонија одбележува четири години членство во НАТО, а со сојузниците во Алијансата одбележуваме 75 години од нејзиното основање, можеме да кажеме дека ги имаме сите предиспозиции да бидеме силен гарант на нашата независност и сувереност. Нашата интеграција во НАТО не е само потврда за нашата посветеност кон мирот и стабилноста туку и сведоштво за нашата подготвеност да придонесуваме кон глобалната безбедност – изјави Петровска.

По повод годишнината од основањето на Алијансата, и американскиот медиум „Асошиејтед прес“ излезе со текст во кој пишува дека, како поскорешен успех на НАТО, по паѓањето на Берлинскиот ѕид, Алијансата ги смета и напорите да се спречи „речиси сигурна граѓанска војна во Македонија”, заедно со воздушната кампања во 1999 година, против поранешна Југославија.

– Меѓу поновите успеси, како што растеше од Студената војна и по падот на Берлинскиот ѕид, НАТО го вбројува бомбардирањето од 1999 година, врз поранешна Југославија, за да ѝ стави крај на крвавата акција врз сепаратистичките етнички Албанци и нејзините напори за влакно да се избегне граѓанска војна во Македонија, во 2001 година. На почетокот од конфликтот во Македонија, во 2001 г., тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, ги нарече униформираните припадници на УЧК криминалци и терористи. Подоцна нивните квалификации се сменија. На 27 март 2020 година, Македонија стана 30. членка на НАТО – пишува АП.

НАТО вчера одбележуваше 75 години од колективната одбрана ширум Европа и северна Америка, во време кога руската војна во Украина влезе во третата година, а тоа претставува тест за решеноста на сојузниците.

Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, на свеченоста на годишнината од формирањето на Северноатлантскиот пакт, во седиштетo во Брисел, изјави дека САД и Европа се посилни заедно во НАТО, нагласувајќи дека Алијансата помогнала во ширењето на мирот, демократијата и просперитетот низ Европа.

Одбележувањето на 75-годишнината од НАТО, во Брисел ,доаѓа на три месеци пред клучниот самит на НАТО во Вашингтон, во јули, кога е извесно дека министрите за надворешни работи ќе се занимаваат со неколку клучни предизвици, а тоа се војната во Украина и како може НАТО да ја зголеми својата поддршка за Киев, но и кој треба да го замени генералниот секретар Јенс Столтенберг, кој се пензионира оваа година, по една деценија на чело на Алијансата.

И додека западната воена алијанса одбележува 75 години од формирањето, Кремљ порачува дека Русија и НАТО сега се во директен судир.

– Во реалноста, односите помеѓу Русија и НАТО дојдоа до ниво на директна конфронтација. НАТО веќе е вклучен во конфликтот во Украина и продолжува да се движи и да ја шири својата воена инфраструктура кон нашите граници – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Од почетокот на инвазијата, членките на НАТО ја помагаат Украина со оружје, обука и разузнавачки информации, а Русија вели дека со тоа фактички е учесник во војната. Во февруари, рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека директен конфликт помеѓу Русија и НАТО би бил вовед во трета светска војна.

М.С.