Членови на „Рубикон“ со бои ја нападнаа амбасадата на Италија во Атина

55

Група од околу 15 членови на анархистичката група „Рубикон“ со бои ја нападнаа италијанската амбасада во Атина. Полицијата приведе 14 лица, а грчкото МНР го осуди нападот, јави дописничката на МИА од Атина.

Од „Рубикон“ преку опширен текст објавен на анархистички сајт, заедно со видео од нападот, велат дека се борат против фашизмот и подемот на екстремната десница во Европа, а „еден од карактеристичните случаи е Италија“, но изразуваат и поддршка и солидарност за Италијанците кои се борат против ИД во Сирија, а кои ги бара италијанската Влада.

Според видеото кое сами го објавија, нападот траел кратко, две лица ја прескокнуваат оградата и влегуваат во дворот на амбасадата што се наоѓа во центарот на Атина, фрлаат бои врз објектот, а истото го прават и останатите членови од надворешната страна.

Грчката новинска агенција АНА-МПА објави дека полицијата привела 14 лица за кои се проверува дали се поврзани со нападот.

Од Министерството за надворешни работи на Грција, го осудија нападот во кој беше предизвикана материјална штета на објектот на амбасадата на Италија во Атина, велат дека таквите постапки „нема да влијаат врз одличната соработка, ниту врз долгогодишните пријателски односи меѓу Грција и Италија“.