Членовите на Демократската партија, главната опозициска партија во Албанија, денеска ги блокираа главните раскрсници во главниот град Тирана како дел од антивладиниот протест на кој се бара формирање на технократска привремена влада пред парламентарните избори следната година.
На првиот митинг откако нивниот лидер Сали Бериша беше ослободен од домашен притвор, активисти на Демократската партија го блокираа сообраќајот на пет главни раскрсници, пренесува АП.
Демонстрантите ја обвинуваат левичарската влада на премиерот Еди Рама за корупција, манипулирање со изборите и узурпирање на овластувањата на судството.
Бериша (80), кој е обвинет за корупција, минатиот месец беше ослободен од домашен притвор кој му беше изречен откако прекршил судска наредба.
„Со Рама нема избори. Со Рама се води само битка за избори. Изборите никогаш нема да се бојкотираат. Нашата битка е незапирлива се до падот на Рама“, рече Бериша.
Стотици полицајци се распоредени за да ги заштитат владините згради и да ги одржат улиците отворени за сообраќај.
Еден час и половина по почетокот на конфликтот, властите почнаа да ги туркаат демонстрантите од раскрсниците, што ја подигна тензијата и доведе до помали судири, јавува АП.
На 11 мај во Албанија ќе се одржат парламентарни избори на кои Албанците кои живеат во странство за првпат ќе можат да гласаат во нивните земји на живеење.