Како што пишува деновиве „Дојче веле“, различни се ставовите и мислењата за овој проект. Организацијата 4DWG спроведува вакви пилот-проекти во Велика Британија, Јужноафриканската Република, Австралија, Ирска и во САД, од пред 2019 година. Неговата суштина е со помалку работа да се зема иста плата, а работникот да има поголема продуктивност, среќа и задоволство од работата. Во Германија, од први февруари се тестираат 45 компании
На први февруари, во 45 компании во Германија почна тестирањето за четиридневна работна недела, односно се работи четири дена, а се зема плата за пет. Вработените ја добиваат својата целосна плата, иако поминуваат значително помалку време во канцеларија (или работа од дома). Целата работа е иницирана од консултантската куќа „Интрапренер“, која работи со непрофитната организација „4 Day Week Global“ (4DWG).
Застапниците на оваа идеја велат дека четиридневната недела би помогнала токму при недостигот од квалификувани работници, меѓу другото, и затоа што ја зголемува продуктивноста на вработените.
– Оние што работат четири дена наместо пет, се помотивирани и затоа се попродуктивни. Покрај тоа, ова може да доведе на работа луѓе што не се подготвени да работат пет дена. Тоа би го намалило недостигот од квалификувани работници – пишува деновиве „Дојче веле“.
Четиридневната недела веќе е тестирана во пракса. Од 2019 година, организацијата 4DWG спроведува вакви пилот-програми во Велика Британија, Јужноафриканската Република, Австралија, Ирска и во САД. Во проектот учествуваа повеќе од 500 компании. Со четири дена работа во Германија, не само што би се скратило работното време туку би се промениле и процесите и организацијата.
Во Велика Британија беа вклучени 2.900 вработени во овој експеримент. Тие биле вработени во финансискиот сектор, ИТ, градежниот сектор, во онлајн трговијата, студијата за анимација, во маркетингот или во киосците за брза храна.
Според истражувачите од Кембриџ и од Бостон, нивните денови на боледување биле намалени за околу две третини и речиси 40 отсто рекле дека, по експериментот, се чувствувале помалку под стрес отколку порано. Освен тоа, бројот на вработени што дале отказ се намалил за 57 отсто. Но, пред сè, истражувачите забележале просечен пораст на продажбата од околу 1,4 проценти. Педесет и шест од 61 компанија што учествувале изјавиле дека сакаат да ја одржат четиридневната работна недела и по завршувањето на тест-фазата.
Според тоа, речиси три четвртини од вработените со полно работно време би сакале четиридневна недела со иста плата. Осум проценти сметаат дека четиридневната недела е добра, дури и со намалена плата. Но, 17 проценти одбиваат пократко работно време.
Холгер Шефер од Институтот за германска економија (ИВ Келн), кој им е близок на работодавците, верува дека четиридневната недела воведена во цела Германија би била контрапродуктивна.
– Ако сите компании го намалат работното време, на крајот ќе има дефицит на работно време – вели Шефер за „Дојче веле“.
Освен тоа, нема никакво укажување дека намалувањето на работното време би можело значително да ја зголеми продуктивноста.
– Скратувањето на работната недела од пет на четири дена одговара на намалување на работното време за 20 отсто. За да се компензира намалувањето на производството, продуктивноста од час би требало да се зголеми за 25% – вели Шефер, оценувајќи дека тоа е утопија.
Четиридневната работна недела може да има смисла кај одделни компании како кај оние од занаетчискиот сектор. Според Јерг Дитрих, претседател на Централниот сојуз на германски занаетчии, на тој начин, работодавците во овој сектор би ја зголемиле својата привлечност, а со тоа и своите шанси да се натпреваруваат за квалификувани работници. Сепак, четиридневната работна недела не би функционирала подеднакво добро во секоја занаетчиска фирма.
Енцо Вебер, исто така, е против законско право за четиридневна работна недела и се залага за индивидуални решенија. Тој го нарекува тоа работна недела од Х-денови.
– За тоа добива поддршка од средните претпријатија. Тие, исто така, се залагаат за индивидуални решенија меѓу вработените и работодавците – вели Кристоф Алхаус, раководител на Сојузот на средни претпријатија.
Од друга страна, средните претпријатија отфрлаат мешање на државата, која би предвидувала помалку работни часови со целосен надоместок за плата.
Сепак, и покрај сите критички аргументи, синдикатот ИГ Метал, на пример, веќе подолго време бара пократко работно време. Притоа, луѓето во индустријата за челик и сега работат само 35 часа неделно.