Чекајќи пред ЕУ, Македонците се отворија за Опен Балкан  

Македонските граѓани се изморија од центризмот на Европската унија и „додворувањето” на Западот и на сметка на поддршката за ЕУ расте апетитот за други иницијативи на соработка во регионот. Според последната анкета на Институтот за политички истражувања, регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ во која членуваат Македонија, Србија и Албанија добива сѐ поголема поддршка во македонската јавност и сега ја поддржуваат дури 63,3 отсто од граѓаните или речиси две третини од испитаниците, што е зголемување за 21 процент за три години.

399

Македонските граѓани се изморија од центризмот на Европската унија и „додворувањето” на Западот и на сметка на поддршката за ЕУ расте апетитот за други иницијативи на соработка во регионот. Според последната анкета на Институтот за политички истражувања, регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ во која членуваат Македонија, Србија и Албанија добива сѐ поголема поддршка во македонската јавност и сега ја поддржуваат дури 63,3 отсто од граѓаните или речиси две третини од испитаниците, што е зголемување за 21 процент за три години. Истражувањето, спроведено телефонски во периодот од 2 до 6 мај годинава врз репрезентативен примерок од 1112 испитаници за потребите на емисијата „Детектор“, покажува дека најпозитивен став кон оваа иницијатива имаат најмладите и кај анкетираните на возраст под 30 години позитивно мислење за „Отворен Балкан“ имаат дури 70,9 отсто. Граѓаните во земјава сметаат дека Србија и Албанија, земјите со кои Македонија ја започна оваа иницијатива ни се најголеми пријатели, додека најлоши односи имаме со Бугарија, која го блокираше европскиот пат на Македонија.

Заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар изминатиот викенд порача дека кога станува збор за Отворен Балкан како основа или почеток на соработката на земјите од Западен Балкан, но во кои сè уште ги нема Црна Гора и Босна и Херцеговина, најважниот дел од секој план за економска интеграција мора да биде усогласување со Европската Унија. Тој кон оваа иницијатива го додаде и Берлинскиот процес.

-Европската унија, односно трговијата со Европската унија сочинува околу 70 отсто од вкупната трговија во регионот. Значи, со други зборови, фокусирањето на европскиот пазар е апсолутно клучно. Европската унија веќе постави некои насоки и метрика преку Берлинскиот процес. Затоа, берлинскиот процес мора да биде во фокусот, но во меѓувреме ги поддржуваме сите економски ставки кои го зближуваат регионот и го доближуваат до Европа, се додека тие не ја нарушуваат посветеноста на земјите кон Европската унија и додека се отворени за секого. На некој начин, може да се каже дека ако две или три или четири земји одлучат дека сакаат да ја завршат домашната задача однапред, тогаш тоа е во ред се додека таа домашна задача е во рамките на барањата на Берлинскиот процес. Значи, ние не го поддржуваме едното или другото, или едното повеќе од другото, туку поддржуваме се што го зближува регионот, рече Ескобар и истакна дека е оптимист кога е во прашање влезот на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Интерес за Отворен Балкан покажуваат и Босна и Херцеговина и Црна Гора, кои учествуваа на лидерскиот самит на иницијативата во Белград лани и на други состаноци. Министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ, кој во март годинава беше во посета на земјава, најави и дека неговата земја е подготвена за влез во Отворен Балкан, со цел да нема задржување на границите и да тече слободниот проток на граѓани.

Ширењето на „Отворен Балкан“ оди во прилог на иницијативата, особено поради скептицизмот на Брисел, кој го преферира Берлинскиот процес, кој е германска иницијатива. Главен аргумент на противниците на Отворен Балкан, е тоа што тој вклучува само три од шесте земји од Западен Балкан, кои се дел од Берлинскиот процес. Европскиот парламент пред неколку месеци дури им препорача на повисоките тела на Европска Унија да бидат резервирани кон иницијативата „Отворен Балкан“, но сите анкети укажуваат на тоа дека затвореноста на Брисел за полноправно членство во Унијата на земјите од Западен Балкан и одложувањето на проширувањето на неодредено време само го храни евроскептицизмот во овие земји.

Лидерите од земјите кои се приклучени во Отворен Балкан, пак, испраќаат пораки дека Отворен Балкан и Берлинскиот процес воопшто не се во меѓусебна спротивност, туку напротив тие се два компатибилни процеса. Кон крајот на минатата година српски медиуми пишуваа и за можноста за спојување на двата големи регионални проекти. И голем број аналитичари сметаат дека Берлинскиот процес и Отворениот Балкан не се неспоиви иницијативи, бидејќи и двете се насочени кон членство во ЕУ. (В.С.Н.)