Нема информации за припадници со македонско потекло во паравоените формации што водат борби со израелските сили, изјави за весникот ВЕЧЕР националниот координатор за борба против тероризмот, Павле Трајанов. Тој тврди дека Македонија, до овој момент, е стабилна, а системот за безбедност е функционален. Како членка на НАТО, можно е да бидеме цел на закани, но соработката и размената на информации со другите земји членки на Алијансата се голема гаранција за безбедноста во државата, уверува Трајанов и порачува дека службите за безбедност мора да бидат проактивни по последните случувања во Либан и навреме да спречат каков било вид закани.
– Службите за безбедност ги следат и ги анализираат сите информации поврзани со воениот конфликт на Блискиот Исток. Во оваа насока, се остварува регионална соработка, како и соработка со моќните разузнавачки служби. Конфликтот се заострува, можна е војна од пошироки размери, во која би се вклучиле повеќе држави од Блискиот Исток, но тука се испреплетуваат и геополитичките интереси на големите Кина и Русија. Националниот комитет за борба против тероризмот, во кој се вклучени над 22 институции, вклучително и службите за безбедност, постапува првенствено на превентивен план – изјави Трајанов за весникот ВЕЧЕР.
Имајќи предвид дека во војната во Сирија официјално беше потврдено дека повеќе од 150 македонски државјани биле дел од ИСИС, прашањето за регрутација на лица од Македонија што би се бореле во терористички организации е многу важно, предупредуваат безбедносните експерти. Деканот на Факултетот за детективи и криминалистика на Европскиот универзитет, проф. Александар Нацев, не верува дека борци од земјава ќе им се приклучат на екстремистичките групи Хамас и Хезболах, ако се земат предвид природата и главната цел на постоењето на овие организации.
– Хамас е организација што е националистички определена, со главна цел воспоставување палестинска држава. Оттука, и покрај тоа што е голема солидарноста на голем број муслимани со Палестинците, не е толку честа појавата на странски државјани да се борат за Хамас. Хезболах, од друга страна, е шиитска организација, со блиски врски со Иран, чија главна цел е креирање прокси на либанска територија и како втора цел ѝ е уништување на државата Израел. Знаејќи дека најголемиот дел од муслиманското население во Македонија се сунити, мала е шансата да имаме наши државјани да се борат на страната на Хезболах – објаснува професорот Нацев.
На прашањето дали има опасност од прелевање на конфликтот од Блискиот Исток кон Балканот, Нацев смета дека шансите се мали, бидејќи најголем дел од земјите се членки на НАТО.
Во меѓувреме, балканските земји продолжуваат со евакуација на своите граѓани од Либан. Грција испрати транспортни авиони и ги засилува и безбедносните мерки. Весникот „Катимерини“ пишува дека е зголемена претпазливоста од можни бегалски бранови и од тероризам. Во Премиерската палата било разговарано за зголемување на капацитетите во 33. центри за прием на беглаци во земјата.
Безбедносните институции се претпазливи и за организирање протести за поддршка на Палестина, со оглед на тоа дека се навршува една година од започнувањето на војната.
Од македонското МНР соопштија дека меѓу жртвите и повредените во нападите нема македонски државјани. Имајќи ја предвид влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството апелира до македонските граѓани да ги одложат патувањата кон Израел, Иран и Либан, додека државјаните кои се наоѓаат на територијата на овие држави да ги следат упатствата на локалните власти и движењето да го сведат на минимум. Вчера, министерот за одбрана и началникот на Генералштабот разговарале со тројцата офицери, дел од мисијата на Обединетите нации во Либан. Тие рекле дека се чувствуваат добро, дека моралот на сите припадници е на високо ниво и дека континуирано ги извршуваат задачите.
– Македонските штабни офицери, заедно со другите припадници на армиите од другите земји што се дел од мисијата UNIFIL, континуирано ја следат безбедносната состојба на јужната граница на Либан, како и безбедносната состојба во целиот регион – стои во соопштението на Одбрана. (П.А.)