Колку е сериозна состојбата во Македонија може да се заклучи по тоа што на втори август годинава во земјава имало 613 заразени лица, а сега, по само еден месец, бројката на активни е над 15 илјади. Во август во земјава починаа 496 лица, а меѓу нив има многу млади на возраст од 20 до 35 години. Деновиве јавноста ја потресе и смртта на 15-годишното девојче од Тетовскиот регион, од селото Селце, која е најмладата жртва на вирусот од кога почна кај нас епидемијата од 26 февруари 2020 година
За само еден месец делта сојот во Македонија уништи 496 животи, лица кои не можеа да се изборат со оваа тешка зараза. Во овој бран од епидемијата меѓу починатите има многу млади луѓе на возраст од 20 до 35 години, а деновиве јавноста ја потресе и смртта на 15-годишното девојче од Тетовскиот регион, од селото Селце, која е најмладата жртва на вирусот откога почна кај нас епидемијата. Но, за жал, секој ден има нови црни рекорди во бројката на лицата што ги губат животите и таа во некои денови достигна и до 37 починати.
Колку е сериозна состојбата во Македонија може да се заклучи по тоа што на втори август годинава во земјава имало 613 заразени лица, а сега, по само еден месец, состојбата драстично е влошена, па бројката на активни е над 15 илјади. Во просек за август месец дневно починувале по 16 лица од сите возрасни групи.
Според д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести, починатото девојче имало прекумерна телесна тежина, а тоа дополнително само по себе е ризик-фактор за заразата. Таа е загрижена што кај младите починати пациенти немало претходни заболувања, а сепак не успеале да се изборат со вирусот. Што се однесува за стартот на школската година со физичко присуство на учениците, директорката Стевановиќ вели дека опасност нема бидејќи кај децата под 12 години има многу малку инфицирани, а вирусот повеќе се шири кај средношколците над 15 години. Доктор Стевановиќ апелира до сите сериозно да ја сфатат работата и навреме да бараат лекарска помош.
-Има еден голем број несериозни граѓани кои и сериозно не внимаваат, односно се лекуваат дома, со пријатели, инфузии… Состојбата е алармантна, вирусот е опасен, болеста е тешка, реагира д-р Стевановиќ.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покрај секојдневните анализи, изготвува и на неделно ниво како се движи епидемијата во земјава, а последната се однесува за периодот од 23 до 29 август. Според анализите на ИЈЗ, пријавени се 199 смртни случаи во текот на изминатата недела, а најголем дел од нив се од Скопје (46), Тетово (42), Гостивар (27), Кичево (12) и Куманово (11). Според возраста најголем број, односно 69,3%, од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години.
Таа недела тестирани се вкупно 40.876 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за ковид-19 при што регистрирани сe 6.361 нов позитивен случај од 35 града во државата. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје чија бројка достигна 2.478 заразени или 39% од вкупниот број во земјава. Загрижува и бројката на заразени во Тетово, Гостивар, Куманово и Струга. Втор град каде што има најмногу заболени во однос на бројот на жители е Кичево. Во овие градови и најмал е опфатот на имунизација.
По возрасни групи најзастапени се лицата над 60 години, потоа оние меѓу 40 и 49 години, а вирусот најмалку е присутен кај децата до деветгодишна возраст.
Како што регистрира ИЈЗ, во однос на пол, пријавени се 3.102 или 48,8% машки лица и 3.259 односно 51,2% лица се од женски пол. Во истата недела оздравеле 3.182 лица кои биле хоспитализирани или се лекувале во домашни услови. Интересен е податокот на ИЈЗ во кој се вели дека во текот на мината недела вкупно се пријавени 80 реинфекции на лица, кои повторно се инфицирале со коронавирус.
Министерот за здравство Венко Филипче не крие дека се наоѓаме во деликатна фаза на делта мутацијата на вирусот, а таа коси насекаде низ светот.
-Само преку масовна имунизација најсигурно можеме да ставиме крај на пандемијата. Ве повикувам да им помогнеме на здравствените работници и на здравствениот систем. Да се вакцинираме, да покажеме пример, да покажеме одговорност кон себе и другите. Вакцините се безбедни и го зајакнуваат имунолошкиот систем. Податоците покажуваат дека на удар во овој бран се невакцинираните и младите меѓу чиј процент на вакцинирани е сè уште низок, вели министерот Филипче.
Дека вакцината е спас од вирусот покажуваат бројките во Кина каде во моментов има само дваесетина заболени лица. Но во Кина досега се аплицирани милијарда и 950 милиони вакцини Синофарм и Синовак.
МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО АПЕЛИРА- Смртноста најголема во градовите со мал процент вакцинирани
Министерството за здравство информира дека за време на четвртиот ковид бран, во период од јули до крајот на август, епидемиолошките анализи покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со ковид имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население.
– Во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово кадешто опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61 процент, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат. Тетово, го пречека бранот само со 19 отсто вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август. Последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува скоро 37 проценти. Слична е состојбата и во Гостивар каде, исто така, имаше мал опфат на вакцинирано население. Во овој град опфатот на вакцинирани полнолетни граѓани до крај на август е под 30 проценти, а бројот на починати со ковид е 73, се вели во соопштението од МЗ.
Европски центар за превенција-Засега нема итна потреба од трета доза вакцина
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), засега нема итна потреба од трета доза вакцина за општата популација. Се препорачуваат дополнителни дози или „засилувачи“ за луѓе со ослабен имунолошки систем, во согласност со ставот на СЗО.
Во земјава заклучно со 1 септември вакцинирани се вкупно 733.226 граѓани. Во државата се аплицирани 1.280.332 дози вакцини, а ревакцинирани се 547.105 граѓани. Согласно последните бројки, 53 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 28 отсто од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.
(В.Ма)