Црнила и пеплосани ѕидови, изгорени болнички кревети, оштетени автомобили покрај…тоа е сликата што утрово може да се види по синоќешната огромна трагедија кога изгоре тетовската модуларна Ковид болница.

Во трагичниот настан досега се потврдени најмалку 14 жртви, а од Јавното обвинителство соопштија дека се испитува дали има и други настрадани.

Фото: П. Стојановски

На местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, покрај тројца обвинители од ОЈО во Тетово, синоќа излегоа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство од Скопје, како и јавниот обвинител на Македонија кој присуствуваше и на работата на Кризниот штаб, информираат од ОЈО.

Од Обвинителството утринава информираа дека на Институтот за судска медицина се однесени 14 тела на жртви кои настрадале во пожарот во Тетово, за кои е издадена наредба за обдукција и идентификување.

Според неофицијални информации, на некои тела ќе мора да се врши ДНК анализа бидејќи телата биле многу изгорени за да се направи идентификација.

Министерството за здравство соопшти дека во вчерашниот пожар во ковид – центарот во Тетово загинаа вкупно 14 лица.

Во ковид – центарот за време на пожарот, како што се посочува, имало вкупно 26 пациенти, останатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност.

-Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди, информираат од  Министерството и изразуваат сочувство до семесјтвата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа.

Од Министерството потенцираат дека во текот на денот постојано ќе информираат за сите нови детали околу случајот и апелираат медиумите и граѓаните да ги следат официјалните информации и да се воздржат од шпекулации за овој немил настан.