Контроверзниот австралиски тенисер, Ник Кирјос, претрпе елиминација на АТП турнирот во Штутгарт, откако подобар од него беше Британецот Енди Мареј со 7:6, 6:2. Австралиецот целосно се распадна во вториот сет по, како што тврдеше по мечот, расистички навреди од трибините.
Во еден момент од вториот сет, Кирјос се сврте кон публиката, се доближи до трибините и праша непознат гледач: „Што рече?“. Тој продолжи да се расправа со гледачот, а потоа додаде: „Симни се овде и кажи ми го тоа во лице, кучко мала. Откако го загуби тај-брејкот од првиот сет, Кирјос го скрши рекетот, удирајќи го во земја и во столче, за што доби казнен поен.
Поради конфликт со навивач, тој доби и казнен гем во вториот сет, по што седна на клупата и одби да го продолжи мечот. Супервизорот на турнирот дојде и го убеди да продолжи уште некое време, што го направи Кирјос, но практично повеќе не играше. По поразот, Кирјос објави коментар на Инстаграм, во кој откри што се случило.
- Кога ќе престане ова? До кога ќе слушам расистички навреди од трибините? Разбирам дека моето однесување не е секогаш најприфатливо, но не можам и нема да прифатам коментари како „црна овцо, замолчи и играј“. Ако решам да се спротивставам на ваквите навреди, тогаш ме казнуваат. Тоа не е во ред, објави Кирјос во сторијата на Инстаграм, а потоа напиша објава во која додаде:
- Јас сум забавувач и се занимавам со овој спорт од својата седма година. Да, јас сум човек и не секогаш се справувам најдобро со моите емоции. Не ми е грижа што мислат луѓето за мене. Играм тенис за да им дадам на луѓето шоу, да видат нешто друго во споредба со обичниот тенис. Но, никогаш нема да толерирам навреди од трибините кои ги трпам веќе некое време. Од расистички до непочитување. Ми се чини дека луѓето мислат дека ова е нормално. Ако сте заборавиле, играме ПОРАДИ ВАС, без разлика дали не поддржувате или не. Можеби тоа не е премногу важно за вас, но ни влијае повеќе отколку што можете да замислите. Разбудете се, додаде Австралиецот.