На Балканот, Црна Гора е најскапа држава за живеење, секако доколку се исклучат Словенија и Хрватска, кои се членки на Европската унија. Месечните трошоци за четиричлено семејство во Црна Гора се проценуваат на 1.917 евра, покажуваат податоците на порталот „Нумбео“, пренесе „Н1“. Тука не се земени предвид трошоците за изнајмување на имот. Црна Гора е на 85. место меѓу најскапите земји во светот.
Од почетокот на конфликтот меѓу Русија и Украина, цените на изнајмувањето се зголемија за околу 40 отсто поради приливот на луѓе со поголем капацитет за плаќање. Цената за изнајмување во Црна Гора сега се движи од 350 до над 1.500 евра, во зависност од квадратурата и локацијата на која се наоѓа имотот. За живот на поединец во Црна Гора се потребни околу 550 евра месечно. Ова е трошокот за едно лице без да плаќа кирија. 757 евра била просечната плата во Црна Гора за февруари. Но, имаше и податок дека 61 отсто од населението не може да ги задоволни своите потреби во смисла да консумира месо двапати неделно или да го загрее домот. Ваква слика покажуваат резултатите од истражувањето за приходите на населението.