Врнежите од дожд предизвикаа голем број проблеми во општини во Црна Гора во изминатите неколку дена, а меѓу најпогодените е Никшиќ, каде водостојот на горниот тек на реката Зета е со рекордно високо ниво.
-Најмногу врнежи од дожд, според податоците на нашите метеоролошки станици, има во централниот, западниот и северозападниот дел на нашата земја – Подгорица, Никшиќ, Жабљак, Колашин, Херцег Нови, изјави синоптичарот Драган Буриќ за ТВЦГ.
Станува збор за екстремни врнежи од дожд.
– Во Подгорица, во изминатите 3-4 дена наврнаа вкупно 375 литри дожд на метар квадратен, а просекот за целиот месец е околу 238 литри. Месечниот просек е надминат на подрачјето на Колашин и Жабљак, како и Шавник, каде досега наврнаа 466 литри дожд, а просекот за ноември е околу 274 литри, рече Буриќ.
Што се однесува до водостоите најкритично е во подрачјето на горниот тек на реката Зета, во Никшиќкото поле, но и водостојот на Морача е во доменот на големи води.
-Пред два дена беше соборен рекорд за нивото на водата на Зета. Во горниот дел на реката, беше измерен водостојот од 257 см, а досега рекордот беше 243 см, рече Буриќ.
И во наредните денови, во Црна Гора се очекува нестабилно време.