Црквите и џамиите во Скопје блеснаа

154

Во периодот исполнет со значајни верски празници и настани, ЈП „Комунална хигиена“ спроведе бројни активности за одржување на хигиената на верските храмови на територијата на градот Скопје.

За велигденските празници, рачно миење беше извршено на поголемите православни храмови, како соборниот храм Св. Климент Охридски, црквите Св.Богородица, Св.Димитрија, Св.Илија, Св.Архангел Михаил и др. Во пресрет на апостолската посета на папата Франциск, како и по неговото заминување, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ со засилени активности ја одржуваат хигиената и на католичката катедрала во Скопје.

Пред почетокот на Рамазанскиот пост, екипите на претпријатието извршија рачно миење со автоцистерни на дваесетина поголеми исламски верски објекти, меѓу кои и џамиите на Мурат Паша и Мустафа Паша во Старата чаршија, Јахја паша во Чаир, како и џамијата на Хусеин Шах во Сарај.

– Раководството на ЈП „Комунална хигиена“ секогаш ќе настојува на највисокото можно ниво да ја одржи хигиената и чистотата на верските храмови на сите верски заедници. Пред Велигденските празници ги чистевме православните цркви, додека на почетокот на Рамазанските пости спроведовме активности за миење на поголемите џамии. За време на неодамнешната посета на Папата, беа преземени посебни мерки за одржување на хигиената на католичката катедрала. За нас сите граѓани, без разлика на нивната верска определба, заслужуваат чисти и одржани верски објекти – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани.