Министерството за култура и туризам и Националниот конзерваторски центар ќе обезбедат средства за манастирот во Матејче. Според директорката на Националниот конзерваторски центар, Цветанка Хаџи Пецова која заедно со министерот Зоран Љутков деновиве го посетија манастирот, се работи за исклучително важни примери на древни манастири. Од Министерството за култура беа издвоени средствата за конзервација и реставрација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Матејче и во минатите години. Сепак, поставениот оловен покрив беше ограбен, за што беше информирана и полицијата и епархијата. Од Националниот конзерваторски центар пак, беа обезбедни средства за превентивно покривање на куполите и сводните површини со хидроизолационен материјал.
„Не е проблемот само со покривањето на црквата, и целиот комплекс е физички деградиран. Просторот не е ревитализиран, нема функција и претставува осамен пример којшто е исклучен од секаков вид на активност. Во таа смисла, ќе се изработи во најракток можен период проект за препокривање со византиски тип на ќерамиди на сите тие површини.
Предвидено е и реализација и министерот сигурно ќе ме подржи во тоа дека е еден од приоритетите, изјави Хаџи Пецова.
Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Малкумина знаат за бурната историја, значењето и уникатноста на единствената манастирска црква во рамки на манастирот во Матејче, Општина Липково, која е изградена во 1345 година, со богатиот живопис кој потекнува од 1348 до 1352 година. Изникнувајќи од традицијата на цариградските архитектонски решенија и претставувајќи го најголемиот сликан ансамбл од 14 век на македонската територија и вториот по големина во Балканскиот Регион, Богородичната црква во Матејче, со импозантните димензии на градежниот корпус и богатиот и широк сликан репертоар, се вбројува меѓу најмаркантните споменици на општата византиска уметничка продукција со оригиналните иконографски решенија, невидени во историјата на византиското сликарство. Четиринаесет циклуси и стотици светителски ликови ги красат ѕидовите на храмот, кои во последно време секојдневно губат драгоцени делови од својата сликана декорација. Тие зборуваат и за вештината и мајсторството на најдобрите сликари од средината на 14 век.
Манастирската црква е изградена во 14 век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале.