„Годинава, кога одбележуваме 45 години, а цел месец имаме бројни активности, необично е тешко и речиси невозможно да се систематизираат, па дури и само да се набројат сите културни настани што се создале, се промовирале, се зародиле, се одиграле во НУЦК ‘Марко Цепенков’ – Прилеп“, вели Марија Попова-Јованоска, в.д. директор на оваа културна установа. Во рамките на одбележувањето на јубилејот, викендов беше отворена и годишната изложба на ДЛУП

 

Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп во ноември го одбележува јубилејот 45 години од формирањето, но исто толку и богата културна дејност, исполнета со претстави, концерти, изложби, литературни читања, промоции и настани што го збогатуваат културното милје на овој град. Својата дејност како Дом на културата ја започнува на 14 ноември 1979 година, со отворање на изложба од прилепски автори и со специјално подготвената театарска претстава „Факел“ од Коце Солунски. Како што посочуваат и од самиот Центар, на почетокот Домот на културата ги поттикнувал аматерските самодејности: фолклор, сликарски школи, литературни, драмски и фотоклубови. Во 90-тите години, во рамките на Домот на културата влегуваат Културно-просветната заедница (КПЗ) на Град Прилеп, списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ и Центарот за современа ликовна уметност, и Домот „Марко Цепенков“ прераснува во Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, со професионална значајна издавачка, ликовно-галериска и сценско-музичка дејност. Во 2004 г. го добива статусот  национална установа и во нејзини рамки влегува и театарот „Војдан Чернодрински“.

„Четириесет и пет години да се создава, чува и да се негува богатото културно наследство вткаено во сопствениот подем, во растот на градот кој неуморно покажува и докажува дека раѓа и одгледува писатели, сликари, актери, музичари, слободоумни луѓе со визија, е значајно. Годинава, кога одбележуваме 45 години, а цел месец имаме бројни активности, необично е тешко и речиси невозможно да се систематизираат, па дури и само да се набројат сите културни настани што се создале, се промовирале, се зародиле, се одиграле во НУЦК ‘Марко Цепенков’ – Прилеп. Установата е голем репрезент на високо професионални театарски, литературни и ликовни дела, но и дава значајна поддршка за сите аматери“, посочува Марија Попова-Јованоска, в.д. директор на НУЦК „Марко Цепенков“.

За својата исклучително значајна културна дејност, како и за извонредните, пред сè театарски, музичко-сценски изведби, ликовна дејност, оваа установа во 2009 г. ја доби најпрестижната награда на Град Прилеп, плакетата „3 Ноември“.

„И повторно, во годината кога одбележуваме значајна годишнина, нашата ликовна колонија ‘Дрен’ е наградена со Третоноемвриската плакета од Општина Прилеп. Тоа е потврда за професионалниот ангажман на институцијата на полето на уметноста, односно културата во Градот. Сè што е сработено во Центарот низ годините, е видливо. Останува аманетот за овие сегашни генерации да придонесат да се подигне рејтингот на институцијата на уште повисоко ниво, да се изнајдат начини за поддршка од државата за реконструкција на објектот, но и за изградба на нов театар. А, понудата на квалитетни настани, секако, ќе ни биде во прв план, бидејќи опстојуваме и работиме за публиката и за граѓаните на Прилеп“, додава Попова-Јованоска.

На 2 ноември, во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп беше отворена изложба на дела, членови на Друштвото на ликовните уметници на Прилеп, на која се претставија 16-мина автори. Изложбата ја отвори Методи Исков, претседател на ДЛУП, нагласувајќи дека уметниците изложуваат дела во широк спектар на техники, материјали и форми.

„Посетителите имаат можност да видат скулптури, слики, графики, дела создавани низ годините“, посочи Исков.

Во рамките на изложбата, која е дел од годишната програма во ЦК „Марко Цепенков“, на уметникот Емил Солески му беше доделена наградата за најдобро уметничко дело во 2024 година, која, во негово отсуство, ја прими неговиот син, Марко Солески.

Љубителите на филмската уметност, пак, оваа недела имаат можност да проследат и две проекции на македонски филмови, во киното „Мис Стон“. По „Јон Вардар против галаксијата“, првиот македонски долгометражен анимиран филм во режија на Гоце Цветаноски, кој беше прикажан вчеравечер, на 6 ноември од 19:00 часот ќе биде прикажан и филмот„На сè доаѓа крај“ во режија на Рајко Грлиќ.

Како дел од програмата за одбележување на јубилејот, Центарот за култура „Марко Цепенков“ досега ја реализираше и изложбата на Александра Димитрова, одржани се концерт на Стефче Стојковски, стендап со Марјан Ѓорѓиевски, реализирано е гостувањето на „Солзи и смеа“, „Прилеп фест“…

На 9 ноември, прилепската публика ќе има можност да ужива во „Вечер на аргентинска музика“, во концертот на женскиот камерен хор „Керамија“, кој ќе се реализира на 11 ноември, додека промоцијата на албумот „Од колено на колено“ со Александар Јовевски ќе се одржи на 12 ноември. На 14. овој месец, во план е и реализација на изложбата на дела од колонијата „ Дрен 2024“, како и концерт на FIA TRIO. До крајот на месецот ќе се одржи и концерт на октетот „Прилеп“, проекција на анимираниот филм за деца „Дури и глувците одат во рајот“, концерт на „Пијан Славеј“, две изложби, на Маја Р. Миладиновски и на Зоран Тодороски.

Дел од програмата е и одбележување на 70 години од издавањето на списанието „Стремеж“, ликовна работилница со млади таленти и премиера на претставата „Го викаа Господин“. (Д.Т.)