Во Пробиштип наместо во Аквапаркот, ќе пее на градскиот плоштад!

Додека нашата Каролина со полно срце го најавува својот скопски концерт на стадион, балканската фолк-ѕвезда Цеца Ражнатовиќ, наместо во Аквапаркот во Пробиштип, концертно се „сели“ на тамошниот градски плоштад. Таа ја смени локацијата поради огромниот интерес на публиката не само од Македонија туку и од Бугарија, Србија, Црна Гора, дури и од Албанија и Грција. Се очекува огромна гужва, па снаодливите (скопски) организатори наеднаш дојдоа до компромисно решение – Цеца, заедно со својата ќерка, пејачката Анастасија, на 11 јуни да пее на плоштадот, кој собира далеку повеќе публика отколку Аквапаркот. Инаку, за потсетување, Цеца требаше да пее во Пробиштип и минатото лето, но поради пандемијата со коронавирусот, настапот не ѝ беше дозволен од страна на македонските здравствени власти.

Тогаш имаше премногу бурни, дури и навредливи реакции упатени на адреса на тогашниот министер за здравство Венко Филипче, што навистина не беше во ред. Ова лето, ситуацијата е далеку поинаква, мерките се сосема укинати, па Цеца три-четири часа ќе пее песни кои напамет ги знае нејзината балканска публика: „Лепи громе мој“, „Кад би био рањен“, „Да раскинем са њом“, „Иди док си млад“, „Мој Београде“, „Цветак зановетак“, „Жуто пиле“, „Кукавица“, „Пази са киме спаваш“… Журката може да почне, и сигурни сме дека долго време ќе се прераскажува. (Д.М.)