Цените на нафтата во пад, САД близу рекордните 12 милиони барели

89

Цените на нафтата паднаа во четвртокот во претпладневното тргување поради сигналите за слабеење на побарувачката, додека од друга страна производството на нафта во САД се приближило на досега незабележаното ниво од 12 милиони барели дневно.

На .лондонскиот пазар цената на барелот во претпладневното тргување падна за 37 центи во однос на ден претходно, на 60,95 долари, додека на американскиот пазар со барелот се тргуваше по 39 центи пониска цена, од 51,92 долари. Во одвоен извештај, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) утрово објави дека цената на барелот референтна кошница нејзина нафта во средата изнесувала 59,52 долари, што значи дека пораснала за 28 центи во однос на претходниот трговски ден.

Американското производство на сирова нафта достигна минатата седмица рекордни 11,9 милиони барели дневно, што е досега највисокото ниво на производство на една земја во светски рамки. Од јануари минатата година, производството во САД скокнало за 2,4 милиони барели дневно, што на пазарите предизвикува стравување во врска со прекумерната понуда.

Официјалните податоци на американската влада покажуваат дека резервите од бензини минатата седмица пораснале за 7,5 милиони барели дневно, далеку над просечната прогноза на аналитичарите во анкетата на Reuters кои очекуваа раст од 2,8 милиони барели дневно. Така, бензинските резерви достигнале 255,6 милиони барели, што е најголемото седмично ниво од февруари 2017 година.

„Во САД дојде до големо зголемување на резервите на бензините, а тоа ги поттикна стравувањата од послабата побарувачка на горива во оваа земја“, наведуваат во своите белешки за клиентите аналитичарите од банката ANZ.

Резервите од деривати, кои вклучуват дизел и масло за ложење, пораснале за 3 милиона барели, додека аналитичарите очекуваа зголемување од 1,6 милиони барели, покажуваат официјалните американски податоци.

Како што се зголемува американското производство на сирова нафта, расте и извозот од САД, па до крајот на мината година достигна рекордни 3,2 милиони барели дневно. „Извозот на сирова нафта од САД силно се зголеми во текот на последните неколку години, а се очекува продолжување на овој тренд“, пишуваат аналитичарите на брокерската куќа „Banchero Costa“.

Норберт Рукер, од швајцарската компанија „Julius Baer“, проценува дека „САД се движат кон енергетска независност и се на патот следната година да станат поголем извозник отколку увозник, благодарејќи на зголеменото производство на нафта и гас од шкрилци“.

Скокот на американското производство доаѓа во периодот кога расте загриженоста за можното слебеење на побарувачката за нафта поради забавувањето на растот на светската економија. Во настојувањата да го сопрат растот на понудата OPEC и неговите партнери надвор од картелот, во прв ред Русија, го намалуваат производството кое беше на максималните нивоа во периодот на најниските цени на пазарите во последните повеќе децении. Тоа го спречи натамошниот пад на цените на сировата нафта, и покрај слабеењето на побарувачката и зголеменото производство во САД.ценцени