Иако цените на нафтените деривати на бензинските станици во земјава се во надолна линија, автобуските превозници што возат во меѓуградскиот превоз уште повеќе ги зголемуваат цените на билетите, кои ги покачија во 2022 година, кога вртоглаво поскапеа горивата. За илустрација, во 2020 година билетот во еден правец на релација Скопје – Куманово чинеше 100 денари, потоа се покачи на 120 денари, по поскапувањето во 2022 година скокна на 150, а во моментов чини 170 денари. За подалечните релации од Скопје, за автобуски билет треба да се плати цело богатство. На пример, билетот од Скопје до Охрид (преку Битола) во еден правец чини 970 денари, а повратниот чини 1 460 денари. Од здруженијата на автобуски превозници ја правдаат ваквата состојба со другите повисоки трошоци

Студентите пред десет дена побараа продолжување на мерката за субвенции за меѓуградски превоз или предлагаат да се воведе мерка за намалување на цените на билетите во меѓуградскиот превоз за студентите. Од новата Влада сè уште не се изјасниле дали планираат да ги ограничат цените на автобуските билети

 

 

Иако цените на нафтените деривати на бензинските станици во земјава се во надолна линија, автобуските превозници што возат во меѓуградскиот превоз уште повеќе ги зголемуваат цените на билетите, кои ги покачија во 2022 година, кога вртоглаво поскапеа горивата

Од здруженијата на автобуски превозници ја правдаат ваквата состојба со другите повисоки трошоци. Бараат субвенции од државата, да им се намалат патарините или да се откаже државата кај дел од акцизата. Согласно со новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, еуросупер БС – 95 се продава по цена од 74,50 денари за литар, еуросупер БС-98 по цена од 78,50, дизелот 69,50 денари за литар, а цената на мазутот останува 44,780 денари за килограм.

Цената на бензините е најниска во последните повеќе од две години. Последен пат литар бензин под 77 денари сме имале во декември 2022 година. И дизелот има најниска цена во последните две години, иако со корекцијата од 6 септември 2024 неговата цена не се промени.

За споредба, со почетокот на ковид-пандемијата цените на горивата почнаа да растат, при што во јуни 2022 година го достигнаа рекордот, па така литар еуродизел тогаш чинеше 110 денари. Во исто време, бензинот еуросупер БС-95 достигна највисока цена од 111,5 денари за литар, додека 98-октанскиот бензин чинеше рекордни 113,5 денари за литар. Автобуските превозници на средината од февруари 2022 година ја покачија цената на билетите од 15 до 20 отсто, правдајќи се со зголемените цени на горивата, резервните материјали, струјата и со прогласувањето на недела за неработен ден.

За илустрација, во 2020 година билетот во еден правец на релација Скопје – Куманово чинеше 100 денари, потоа се покачи на 120 денари, по поскапувањето во 2022 година скокна на 150, а во моментов чини 170 денари. Билетот на релацијата Скопје – Тетово сега чини 200 денари и е поскап за 80 денари споредено со 2021 година, кога беше 120 денари, а во февруари 2022 година поскапи на 160 денари.

За подалечните релации од Скопје, за автобуски билет треба да се плати цело богатство. На пример, билетот од Скопје до Охрид (преку Битола) во еден правец чини 970 денари, а повратниот чини 1.460 денари. За Ресен, билетот чини 800, односно 1 240 денари за повратен. До Струмица, билетот изнесува 680 денари, но нема повратен, така што за враќање во Скопје треба да се искешираат 1 360 денари за два билета. Или, пак, за посета на Дојран, билетот во еден правец чини 750, односно 1 100 денари за повратен.

Некои од патниците посочуваат дека им се случило да им кажат на шалтер на автобуска станица дека е поскап билетот за 40 денари од денот кога претходно го купиле истиот билет. На порастот на цените реагираат и студентите, кои се запишани на факултет на некој од универзитетите во главниот град. За нив, разликата меѓу старата цена од пред две-три години и новата цена има влијание врз одвоениот буџет за секојдневните трошоци во текот на студиите.

– За на факултет во Скопје, ми треба повратен билет, односно одење и враќање дома, во Тетово, и треба да платам 400 денари или две илјадарки за една недела. А, каде се основните потреби за храна или за вода? Мислам дека е многу скапо ова. Претходно, повратниот билет чинеше 240 денари, па 320 денари и тоа беше некако прифатлива сума, сега ни го притиска домашниот буџет – вели еден студент од Тетово.

Повеќето превозници не нудат ниту студентски попусти, а некои ниту повратни билети.

Претходната Влада, лани во ноември, во деветтиот пакет антикризни мерки ги стави студентите што студираат надвор од местото на живеење и тие се најдоа меѓу ранливите категории граѓани. За 15 илјади студенти, беа одвоени 2 милиона евра за ваучер за превоз, кој важеше 7 месеци (од декември, па сè до јуни годинава). Ваучерите беа во износ од 600 до 1 200 денари.

Пред десет дена, студентите побараа продолжување на мерката за субвенции за меѓуградски превоз или предлагаат да се воведе мерка за намалување на цените на билетите во меѓуградскиот превоз за студентите. Ваквата мерка е веќе присутна и во Националната стратегија за млади 2023-2027 година, во делот на образованието, под точка 4.1.1.2, која гласи „донесување одлука за намалување цени на меѓуградскиот автобуски превоз за средношколци и за студенти на територијата на цела држава и зголемување на редовноста на линиите“.

Од новата Влада сеè уште не се изјасниле дали планираат да ги ограничат цените на автобуските билети.

(С.Бл.)