Цените минимално се намалија, но ќе има поголемо намалување со следните мерки, тврди Ристески

25

Есенската потрошувачка кошничка даде добри резултати. Направивме стабилизирање и одредено минимално намалување на цените за разлика од претходните години, кога имаше зголемување, оцени заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

– На 43 прехранбени производи што влегуваат во вкупната синдикалната кошничка, има намалување од 965 денари и самите синдикати, господинот Трендафилов кажа дека кошничката си ја постигнала намената, но таму има едно евро намалување, бидејќи имаме зголемување во другите делови како облека, обувки, угостителски услуги – рече Ристески.

Синдикалната кошничка, појасни, има вкупно 43 прехранбени производи што влегле по автоматизам во есенската кошничка, но во есенската имало 73. Ако земеме 960 денари, приближно 1.000 денари, од синдикалната наспроти есенската кошничка, просекот би бил од 1.200 до 1.500 денари. Можеби, луѓето очекуваа драстично намалување, но нашата цел беше стабилизирање на цените, инаку ќе беа многу повисоки, наведе заменик-министерот за економија и труд.

Во наредниот период, дополни, со следните мерки ќе се потрудат да има и поголемо намалување кај одредени производи.

– Сега, кај одредени, можеби, имаше намалување од два до три денари, кај некои немаше, а кај некои намалувањето беше и до 30 проценти – наведе Ристески.

Мерката, како што посочи, е одлично донесена, имало одредени трговци што сакале да ја изиграат, но Државниот пазарен инспекторат, се надева, во претходниот период сериозно си ја завршил работата и во одредени моменти настапил со казни, кои не биле мали.

– Се надевам дека ДПИ и во иднина ќе има многу поголема контрола и ќе прави контролни мерки и надзори во сите трговски места каде што се продаваат прехранбени производи за да можеме да ги регулираме цените со цел заштита на стандардот на граѓаните. Од вчера има нов директор, така што се надевам и дека, можеби, и мерките ќе дадат подобри резултати. Ќе видиме – рече Ристески.

Ристески соопшти дека веќе се подготвува новогодишната потрошувачка кошничка, која, како што истакна, првпат ќе има поинакви интересни мерки, кои ќе бидат иновативни и со кои првпат граѓаните ќе почувствуваат одредено намалување на одредени производи што најмногу се трошат во зимскиот период.

Според Ристески, со владината мерка за ограничување на профитната маржа за училишниот прибор, имало намалување на цените за 25 до 35 проценти или од 750 до 2.000 денари од семејство, зависно кој колку трошел.