Цената на парното за училишта, градинки, мали дуќани… се намалува за 35%

Со одлука на РКЕ, уште за февруарските сметки  

96

Регулаторната комисија за енергетика на седница донесе вонредна одлука  за цената на парното греење во Скопје. Со таа одлука цената на парното се намалува за 35%, но само за деловните корисници, додека за домаќинствата  останува иста, непроменета.

Според претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски новата цена на парното за деловните корисници се корегира поради намалувањето на цените на природниот гас на европските берзи.

– Деловните корисници се 20% од вкупниот број на корисници на оваа топлинска енергија.Намалувањето ќе биде уште во февруарските сметки- кажа денеска Бислимоски и дополни дека овие корисници во текот на енергетската криза не добивале субвенции од државата и затоа сега на овој начин им се помага.

Пониски сметки за парно ќе добиваат околу 1.200 потрошувачи приклучени на централно градско греење на ЕСМ снабдување, ЕСМ Енергетика, Скопје Север.

– Овие корисници трошат 20% од потребните количини на топлинска енергија на ниво на Град Скопје и меѓу нив се образовни институции, деловни корисници: мали дуќанчиња, компании, банки итн. Вонредната одлука доаѓа по сеопфатна длабинска вкрстена анализа на актуелните цени на берза и прогнозираните цени на приодниот гас. Резултатите покажаа дека во изминатиот период цената на природниот гас на берзата е пониска од предвидената со што се исполнуваат условите да се донесе поволна одлука за категоријата останати корисници, кои пак во турбулентниот период на енергетската криза го преземаа товарот и добиваа реални сметки. За разлика од домаќинствата, кои  во цел овој изминат период на енергетска криза добиваа сметки со субвенции – кажа Бислимоски.

Тој истакна дека цената на природниот гас во Македонија е за 15 до 20 проценти од онаа на најголемата берза во Европа. Ако ваквиот тренд продолжи, Бислимоски рече дека може да се очекува пониска цена на парното за домаќинствата, но од јули.

– Цената на парното за домаќинствата во моментов е за 75% пониска од цената за деловните корисници, кои всушност плаќаат два ипол пати поскапо греење. Со намалувањето им помагаме на општините и државните институции да ги намалат трошоците за парно греење – истакна Бислимоски.

Во моментов вкупно 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија, а само од старт на грејната сезона до сега приклучени се околу 1.000 нови корисници.

(С.Бл.)