Цената добра, но грозје нема – лозарите ги продадоа лозјата и си заминаа во странство

Лозарите генерално се задоволни од откупната цена, но сепак велат дека и оваа цена е недоволна за преживување и за да ги привлече младите да останат на лозјата. Велат дека годинава цената е добра, но грозје нема бидејќи голем дел од лозарите ги продадоа лозјата и си заминаа во странство. Според податоците годишно по 500-600 лозари од Тиквешијата ги снемуваше од Регистарот на земјоделски производители, што е сериозен пад

1064

Годинава првпат се одреди производствена цена за двете најзастапени вински сорти „смедеревка“ и „вранец“ која ја одреди Земјоделски институт. Во согласност со Законот за вино се предвидува цената да се формира и да се исплаќа според шеќерни единици, плус гарантирано законско зголемување од 25 отсто. Лозарите генерално се задоволни од откупната цена, но сепак велат дека и оваа цена е недоволна за преживување и за да ги привлече младите да останат на лозјата. Велат дека годинава цената е добра, но грозје нема бидејќи голем дел од лозарите ги продадоа лозјата и си заминаа во странство.

Од Националната федерација на фармери велат дека се задоволни од откупната цена годинава, но сепак винарниците и оваа година ја искористија можноста да ја намалат откупната цена за 8 отсто со тоа што ќе го исплатат откупеното грозје во рок од една недела.

-Задоволни сме што годинава првпат се одреди производствена цена на грозјето. Откупните цени годинава изнесуваат 18,30 денари за „смедеревка“ со 17 шеќерни единици и 20,80 денари за вранец со 19 шеќерни единици. Но и покрај тоа што баравме од Министерството за земјоделство да се тргне членот 20 од Законот за вино со кој им се овозможува на винарските визби да ја намалат откупната цена за 8 отсто ако го исплатат грозјето во рок од 7 дена, тоа не се случи. Винарниците ја искористија можноста да го платат грозјето помалку, односно да ја намалат откупната цена за 8 отсто, изјави за весникот ВЕЧЕР, Васка Мојсовска, претседател на НФФ.

Таа додава дека поради сушата годинава дел од лозовите насади се исушија, а тие што се наводнуваа се со добар квалитет и имаат повеќе шеќерни единици.

-Поради нефункционалните мрежи за наводнување лозарите претрпеа големи штети. И во регионите каде не се наводнуваше, а се береше квалитетно грозје сега го нема. Поради сушата има мали приноси, а загубите се од 70 до 90 отсто. Оние лозови насади кои се наводнуваа навреме се со мошне добар квалитет и со високи шеќерни единици, вели Мојсовска и апелира до лозарите да бараат плус по еден денар за секој килограм грозје кое има повеќе шеќерна единица.

Од НФФ велат дека годинава ќе има намалување на родот поради сушата и ненаводнувањето и според нивните проценки ќе има околу 50 милиони килограми винско грозје. И покрај тоа што винарниците бараат килограм повеќе, грозје нема, бидејќи голем дел од лозарите поради ниските откупни цени изминатите години се откажаа од лозарството.

Познавачи на состојбите во лозарството велат дека сегашните откупни цени на грозјето се далеку од оние кои би требало да бидат. Според нив, реално производната цена на грозјето годинава за белите сорти е 24 денари по килограм, а на црвените е 27 денари по килограм, пресметано без добивката на лозарите. Со пресметано законско зголемување од 25 отсто откупната цена на грозјето би изнесувала 30 денари по килограм за белите сорти и 33,75 денари по килограм за црвените сорти грозје.

Според експертите, со приходите кои ги имаат лозарите во последните години, вклучувајќи ја и годинава, тешко дека ќе можат да инвестираат во нови лозови насади со нови сорти на грозје.

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски најави измени на Законот за вино по завршувањето на оваа откупна сезона со кои ќе се решат голем дел од проблемите со кои се соочуваат лозарите.

-Ќе се подобрат и условите со цел да се надмине појавата од минатите години, кога годишно по 500-600 лозари од Тиквешијата ги снемуваше од Регистарот на земјоделски производители. Тоа е сериозен пад, ние сме познат бренд во светот за македонско вино и со вакви трендови ќе имаме сериозна намалена количина за извоз, што ќе значи и помал девизен прилив на државата, изјави Трипуноски.

Земјоделците се надеваат дека оваа практика на одредување на производствена цена ќе се применува и кај другите земјоделски производи со цел да се врати надежта во македонскиот аграр.

(А.С.)